
Што може да направиме, тоа е истиот состав на лекот, рече министерот за здравство Сашо Клековски за тврдењето на пациентите со ретката болест мускулна дистрофија, кои неодамна изјавија дека замената што ја обезбедило Министерството за здравство за лекот декортин не може да ја примаат, бидејќи кај луѓето со ретки болести има контра-индикации.
– Ако е лек со генерички состав и исти терапевтски индикации. Декортин за напади на астма користам и јас и сега и за мене нема. Има генерика од европски производители со европски регистрации, што можеме да направиме тоа е истиот состав на лекот, изјави за Локално Клековски.
Претходно министерот се правдаше дека производителот престанал да го произведува тој лек и дека не можат ништо да направат. Од кабинетот на Министерот појаснија дека Министерството обезбедило терапевтска алтернатива, со истата активна супстанца и дека има друг лек но под друго име.
-Што може да направи една земја и едно министерство ако некој престане да го носи лекот во земјата. Мислам дека треба да се соочиме со реалноста, кои се можните и можностите реално. Не може да му кажеме на странски производител произведувај нешто што он престанал да го произведува, рече Клековски.
Од Асоцијацијата на пациенти со мускулна дистрофија пред десетина дена на прес конференција рекоа дека замената за декортинот што ја обезбедило Министерството не може да ја примаат овие пациенти, бидејќи им ја влошува состојбата.
-Има замена за декортинот, но, генерички тој лек не соодветствува за мускулна дистрофија. За другите не можам да кажам, но таа замена за овие пациенти не одговара. Покрај тоа што имаат проблем со црниот дроб, ако го примат овој лек кој сега е како замена ќе имаат и други здравствени проблеми, рече тогаш Ване Петридов, од Асоцијацијата на пациенти со мускулна дистрофија.
Минатиот месец, кога беше прекинато снабдувањето на лекот во земјата и кога го снема во аптеките и во болниците од Министерството за здравство за Локално изјавија:
-Министерството за здравство е известено од носителот на одобрението за ставање во промет на лекот DECORTIN H дека е пријавен траен прекин во снабдувањето од производителот. Производителот во моментов не обезбедува нови количини, поради што лекот е ограничено достапен и во аптеките и во болничкиот систем.
Овој лек, чие генеричко име е преднизолон, е антиинфламаторен лек и го користат луѓето кои имаат артристис и други болести на зглобовите и ткивата.
Е.Б.