Четири лица се хоспитализирани, а од минатата недела досега во болницата и во здравствениот дом во Гостивар, лекарска помош побарале 3.100 лица. Министерот за здравство, Сашо Клековски на денешната прес-конференција појасни дека сите пациенти по труењето со водата во градот се со исти симптоми, односно со стомачни болки и ниска телесна температура. Меѓу хоспитализираните се три возрасни лица и едно дете, а еден жител на Гостивар сам се пријавил на Клиниката за инфективни болести, бидејќи работи во Скопје.

-Кумулативно во болницата се третирани 1.750 лица, а во здравствстен дом 1392, значи вкупно 3.100. Од домашната посета и итна помош 112 лица. Во моментов се хоспитализирани четири лица, три возрасни и едно дете и имаме еден случај во Клиниката за инфективни болести оти сам се пријавил оти работи во Скопје, изјави Клековски.

Министерот рече дека Институтот за јавно здраваје ги има резултатите од испитувањата на водата за пиење од градскиот водовод, но дека резултатите не може да ги соопштат дека не добијат одобрение од Обвинителството. Тој појасни дека за толку многу случаи на граѓани кои се затруени оделе на системот на елиминација дали можеби е од храна, но бидејќи имале пациенти од повеќе делови на градот, единствен заеднички фактор за труењето останала водата.

-Пријави за сомнеж за заразни болести имаме 140, а на епидемиолошки анкети одговориле 81лице. Во саботата имаше само 16 епидемиолошки пријави, значи повеќето епидемиолошки податоци се направени за време на викендот. Клиничката слика е иста, со стомачни проблеми, висока температура, се вршат неопходните истражувања кај сите што се јавиле во болницата. Кај петнаесетина се земени колпокултури, а податоците од епидемиолошките анкети се обработуваат од Комисијата зазаразни болести, која свика седница и ќе излеземе со мерки, изјави Клековски.

Тој рече дека не е точно дека Министерството за здравство криело информации и дека никогаш не кажал дека нема услови за прогласување на епидемија, туку дека за тоа тој не е надлежен туку надлежен е Центарот за јавно здравје Тетово, кој тоа го направил по зголемувањето на бројот на пациенти.

На прашањето на „Локално“ зошто дури по пет дена од првите пациенти кои се јавиле во болницата и по наредба на Обвинителството, здравствените власти излегле на терен, Клековски рече дека реагирале веднаш штом ја добиле службената информација.

-Во однос на тоа кој како кажал, службена информација до Министерството за здравство стигна дури во петокот и ние не можевме да знаеме дека има зголемен број пациенти, ако ги нема во системот. Во случајот има задршка во пополнување на информациите. Таа траела неколку дена и сега се надоместува, а тоа како што кажав има само 140 пријави за заразни болести и тие се дадени викендов, изјави министерот за „Локално“.

Минатиот четврток по наредба на Основното јавно обвинителство во Гостивар Институтот за јавно здравје излезе на терен да земе мостри од градскиот Водовод во Гостивар, бидејќи според информациите од МВР, постоеле сомнежи дека Општината и општинското градско претпријатие „Водовод“ во село Вруток поставиле три пумпи во корито за отпадни води и го поврзале на главниот цевковод од градскиот водовод за Гостивар. Од гостиварската болница изјавија дека за неколку дена имале над илјада пациенти со симптоми на труење, со дијареа, повраќање, висока температура и малаксаност.

Во текот на денот, полицијата ја приведе директорката на ЈП „Водовод“, Артана Асани, заедно со уште шефот на „Водовод и канализација“ и техничкиот директор на ЈП „Комуналец“- Гостивар во врска со сомненијата за загадување на водата во гостиварскиот „Водовод“.

Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, рече дека мостри за анализа зеле од четири места од Водоводот, резултатите се готови, но дека не може да даде информација што покажале анализите додека не добијат одобрение од Обвинтелството дека може да ѝ ги соопштат на јавноста.

Е.Б.