
Министерството за здравство размислува дел од вакцинацијата да се прави во аптеките. Ова на денешниот брифинг го кажа министерот за здравство Сашо Клековски, кој рече дека по примерот на Хрватска и Словенија, кои направиле систем дел од вакцините да се примаат во аптеките, размислуваат да воведат и во земјата. Тој рече дека за почеток би оделе со вакцините против сезонски грип да се дадат во аптеките, но дека засега е само идеја.
-Штом веќе го осмислиле и функционира во една Хрватска и Словенија, зошто да не може и кај нас, рече Клековски.
Досега за вакцинација против сезонски грип се пријавиле над 70.000 граѓани, а над 10.000 се вакцинирани.
-Пораките се упатуваат согласно воспоставениот ритам од околу 1.700 до 2.000 луѓе што се постигнува во моментот во работни денови. Пристигнувањето на новата група на вакцини е на 13 ноември и ќе дадеме порака да полека се зголемуват пратките со вакцини, бидејќи има доволно вакцини за овој месец да се спроведува вакцинацијата, изјави Клековски.
Министерот кажа дека до крај на месецот ќе треба да стигне и следната нарачка од 30.000 вакцини. Тој се пофали дека во услови кога доцни производството на вакцини, Македонија успеала да обезбеди вакцини пред Словенија, каде тендерот за набавка пропаднал.
-Успеавме во соработка со соседи и со производители и дистрибутери да обезбедиме сигурни 86.000 вакцини. Имаме за сите пријавени за вакцинирање. До крај на месецот ќе имаме 86.000 вакцини. Утринава имав состанок со претставникот на производителот и на дистрибутерот. Во Македонија имаме сигурност дека на 13-ти ќе пристигнат во Скопје, изјави Клековски.
Тој додаде дека пикот на сезоната на заболени со грип е јануари и фебруари и дека има време сите да се вакцинираат.
Во одговор на новинарсо прашање кога ќе ситгнат вакцините проотив БСЖ за бебињата од Јапонија, тој рече дека за две недели ќе ги има.
Е.Б.