Присилна вакцинација на децата кои не се вакцинирани против мали сипаници нема да правиме, ќе оставиме на совеста на родителите, изјави за „Локално“, министерот за здравство, Сашо Клековски.

Министерството вчера излезе со информација дека се регистрирани четри случаи на заразени со морбили, од кои еден е од странство, а тројца се македонски државјани од Велес, Штип и Скопје. Меѓу заразените има две бебиња помлади од една година и пациент на возраст над 40 години.

-Освен повикување на свеста на родителите, комуникацијата на матичните лекари со педијатрите, акција во смисла на присилни мерки нема да правиме. Во минатото се покажа дека присилни мерки во одреден момент се контрапродуктивни, рече Клековски за „Локално“.

Апелите до родителите да ги вакцинираат децата, министерот ги даде уште пред два месеци, кога излезе со податок дека се вакцинирани само 62% од децата и предупреди на појава на можна епидемија.

Тој рече дека мерката да мора да се вакцинираат децата кои одат во градинка или во училиште и претходно беше заобиколена и дека и натаму ќе зборуваат и ќе објаснуваат за придобивките од вакцинацијата.

-Јас и двете деца ги имам вакцинирано. Јас се вакцинирав од сезонски грип за да демонстрирам деа нема подобра заштита од вакцинирање. Тука е прашање на убедување и повторно апелирам до родителите со невакцинирање првенствено ги загрозуваат своите деца, а потоа и оние кои не може да бидат вакцинирани до 12 месеци, рече Клековски.

Тој кажа дека нови случаи на заболени од морбили нема нови случаи, се следат сите контакти.

-ИЈЗ и Центарот за јавно здравје соодветно реагираа и ги информираа сите засегнати страни, без оглед дали се семејство, дали се градинка, дали се болница во зависност од тоа каде е регистриран случајот, рече министерот.

Во одговор на новинарско прашање, тој рече дека доколку родителите се посомневаат дека детето им е разболено од морбили, да не одат на лекар, туку да се јават кај лекарот, бидејќи одењето во чекална е најголем ризик за ширење на сипаниците.

-Дадовме насоки една клиничка болница се подготвува за прифаќање. Во моментов не е таков случајот да има толкав број на пациенти. Нема хоспитализирани, а се испратени упатства до сите сите матични лекари и институции, рече Клековски.

Е.Б.