Министерството за здравство не кажува како се лекуваат луѓето од Гостивар кои се разболеа откако пиеја загадена вода со фекалии од градскиот водовод, за што и Основното јавно обвинителство од Гостивар отвори случај против ројца вработени во гостиварското јавно претпријатие „Водовод“ меѓу кои и директорката Артана Асани.

Министерот Сашо Клековски на прашањето на „Локално“ откако излегоа резултатите од Институтот за јавно здравје со што била загадена водата во Гостивар, од што ги лекуваат пациентите и како и дали е само симптоматски, одговори дека податоците за тоа од што се разболени и како се третирани ги има во нивното лично досие на „Мој термин“ и дека лекарите имаат пристап до овие податоци.

-Сите анализи се достапни во „Мој термин“, докторите може да видат се што е направено – дали анализа дали копрокултура се е достапно во личните досиеја на пациентите, изјави Клековски.

На прашањето на „Локално“ од над 4.300 лица од кој вирус или бактерија има најмногу заболени, колку меѓу нив се деца, а колку возрасни и како ги третираат, Клековски рече дека епидемијата е тековна и дека анализата за тоа не е завршена.

-Епидемијата е тековна, анализата во моментот не можам да ви ја кажам, заедно ја работиме со Институтот за јавно здравје и епидемиолошката анкета ја правиме. Актуелниот третман на пациентите ги водат матичните лекари и лекарите во болницата во Гостивар и постапуваат соодветно на воспоставената дијагноза. Се земаат сите гастроенетроколитис во анализата оти нема една шифра под која се заведени. Зборувам за тие кои се надвор од извештај за заразни болести. Во извештајот има 869 случаи, кажа Клековски.

Директорот на болницата во Гостивар, д-р Емри Бајрами пак за „Локално“ изјави дека пациентите ги лекуваат симптоматски, од повраќање, дијареја, висока температура и малаксаност.

-Нема хоспитализирани во тешка здравствена состојба, сите се со лесни симптоми, наведе Бајрами.

Минатата недела, министерот на новинарско прашање рече дека заразените се со секаков вид на бактерии, но дека најчестите се со астравирус и бактеријата шигела.

Жителот на Гостивар, Дарко Грујоски, кој е поранешен кандидат за градоначалник на општината, минатата недела на социјалните мрежи објави дека од анализите кои му биле направени, му биле најдени јајца од цревен паразит. Тој за „Локално“ изјави дека анализите ги направил две недели откако му почнале првичните симптоми и ги направил на приватно.

-Откако ги добив анализите отидов на матичен лекар и ми препишаа лек против паразитот. Луѓето во Гостивар се однесуваат како ништо да не се случило, одат си земаат вода и толку, рече Грујоски.

Министерот кажа дека во текот на вчерашниот ден имало 109 нови пријави на заболени од епидемијата и дека во последните четири дена тоа се движи 80 до 125 новозаболени.

-Не можеме да кажеме колку е тоа редовна состојба, а колку е поврзано со епидемијата во Гоствар. Просекот во Гостивар за заразни болести во јули бил 25. Збориме за еден десет годишен просек и во еден момент ќе треба да се разграничи што е поврзано со епидемијата, а што е редовна состојба, изјави Клековски и најави дека ќе испратат насоки и упатства до Центарот за јавно здравје до матичните лекари и до болниците во Гостивар да ја следат постаутната фаза од епидемијата.

-Акутната фаза на епидемијата е во смирување. Во консулатција со Комисијата за заразни болести насилен здравствен надзор за пост акутната фаза алерт до матичните лекари во Госивар фокусот да го стават на следење на хепатит А и Е и следење на други заразни болести кои може да се јават на опашката на гостиварсата епидемија, посочи првиот човек на ресорот здравство.

Е.Б.