Министерот за здравство Сашо Клековски, кој денес беше во посета на болницата за белодробни заболувања во Лешок, по информацијата од СДСМ кои објавија документи дека водата во оваа болница не е исправна и не треба да се пие, во одговор на новинарско прашање рече дека тоа не е никаква тајна.

Според него, оваа состојба со загадената вода за пиење во Лешок трае повеќе од една деценија и дека за надминување на проблемот болницата користи диспанзери за вода за пиење. Тој појасни дека жителите на Лешок се целосно запознаени со ситуацијата и дека ги следат упатствата од надлежните.

-Не е тајна дека во поголем дел од рурална Македонија, најголем дел од локалните водоводи се неисправни од бактериолошки причини, посебно во летните периоди заради ниските водостои и зголемените потреби за вода поради враќањето на дијаспората во летните месеци, изјави Клековски.

Тој рече дека Министерството за здравство ги имало податоците дека водата е загадена и во периодот кога владата ја водеше СДСМ.

-Состојбата во Лешок не е тајна, затоа што таа трае да не кажам со децении, најмалку последната деценија во летните месеци. Министерството за здравство меѓу 2017 и 2022 година можело да ги види редовните наоди што стигале до нив, дека и тогаш водата била неисправна, и населението тоа го знае и се придржува кон упатствата што ги добиваат за постапување, изјави Клековски.

Венко Филипче, претседател на СДСМ, пред неколку дена на прес конференција изјави дека случајот со загадената вода во Гостивар не е изолиран случај и дека институциите не реагираат и во други случаи. Тој покажа документи од свркажи според кои водата во болницата во Лешок е загадена и побара институциите итно да преземат мерки.

-Извештајот за тестирање на безбедноста на водата, е од примерок земен од Болницата за белодробни заболувања во Лешок. Датум на завршување на испитувањето е 13 мај. Вкупен број на колиформни бактерии во 100 милилитри вода е 51. Примерок од чешма од болницата каде што се лекуваат луѓе. 51 колиформна бактерија на 100 милилитри вода. И пишува дека не соодветствува на квалитетот на вода која што е потребна за пиење. И ова е во болницата во Лешок, на крајот на мај, а никој не реагирал. Знаат ли овие луѓе што прават? Какво е ова менаџирање на институција?, рече Филипче.