Министерството за здравство презема активности за усогласување на националното законодавство со европските стандарди во областа на контролата на дрогите и психотропните супстанции. Министерот за здравство Сашо Клековски информира дека ресорот има два конкретни чекора во Реформската агенда 2024–2027 година, кои се однесуваат на политиката за дроги и приближувањето кон законодавството на Европската Унија.

„Министерството за здравство има два чекори во Реформската агенда 2024-2027, и двата се поврзани со политиката за дроги и усогласувањето со ЕУ“, објави Клековски по координативниот состанок за Реформската агенда, одржан од премиерот Христијан Мицкоски.

Првиот чекор предвидува воспоставување систем за рано предупредување за дроги, поврзан со европскиот систем. Веќе е формирана работна група за усогласување на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, а во тек е склучување работен аранжман со Агенцијата на ЕУ за дроги (EUDA). Се работи и на подготовка на Националната стратегија за дроги, усогласена со европската стратегија.

„Цел е Националната опсерваторија за дроги, воспоставување на системот за рано предупредување и известување кон EUDA“, посочува Клековски. Вториот чекор, предвиден за следната година, опфаќа усогласување на листата на психоактивни супстанции со европските стандарди и воведување законска дефиниција за нови психоактивни супстанции.

Министерот нагласува дека активностите не се само административна обврска, туку имаат директно значење за заштитата на јавното здравје. „Функционален систем за рано предупредување значи навремено да откриеме нови опасни супстанции и побрзо да реагираме за заштита на здравјето на граѓаните“, наведува Клековски