Министерот за здравство, Сашо Клековски, на денешната прес-конференција ги презентираше резултатите од заедничката работа на македонските лекари и тимот хирурзи од реномираниот медицински центар „Шеба“ од Тел Авив. Во изминатиот период, тие заеднички извршиле 24 специјалистички прегледи и 16 сложени операции на повредените во трагедијата во Кочани.

Фокусот на израелскиот медицински тим бил ставен на шаките и рацете на пациентите, со цел целосно враќање на нивната функција. Интервенциите опфатиле ексцизија и ревизија на лузни, ослободување на контрактури, Z-пластика и трансплантати на кожа со полна дебелина.

Вкупно биле оперирани 16 пациенти – 10 мажи и 6 жени. Шест интервенции, меѓу кои и петте најсложени, биле извршени на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје, додека преостанатите десет се направени во Општата болница во Кочани.

„Здравствените власти се тука на долги патеки. Грижата за повредените во Кочани не заврши со болничкото лекување. Таа продолжува со операции, контроли и рехабилитација. Им благодарам на колегите од медицинскиот центар ‘Шеба’. Д-р Харац и д-р Канфино Кац беа со нас и веднаш по трагедијата, а сега се вратија за да продолжат да помагаат“, истакна министерот Клековски, додавајќи дека преку заедничката работа пациентите добиле врвна стручност, а домашните хирурзи непроценливо искуство.

На прес-конференцијата се обратија и д-р Моти Харац, директор на Националниот центар за изгореници при „Шеба“, д-р Јасмина Ѓоргиевска Павловска, директорка на скопската Клиника за пластична хирургија, д-р Катерина Мирчовска, директорка на кочанската болница, како и д-р Гордана Георгиева од работната група на Министерството.

Директорките Ѓоргиевска Павловска и Мирчовска нагласија дека следењето на оперираните пациенти продолжува, при што пациентите од Кочани ќе ги прават контролите поблиску до својот дом. Д-р Георгиева појасни дека работната група ги координира сите активности – од категоризација на повредите, сè до изработка на индивидуален план за рехабилитација за секој пациент одделно, нагласувајќи дека институциите ќе останат посветени на нивното закрепнување онолку долго колку што е потребно.