
Собраниската дебата и процедура за предлог-законот со кој треба да се овозможи реализацијата на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ привремено се става на чекање. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ одлучи да го повлече предложениот текст од дневниот ред за дополнителни консултации, соопшти координаторот Никола Мицевски.
Одлуката за повлекување доаѓа непосредно по забелешките упатени од опозициските пратеници за време на вонредната координација одржана во текот на самата седница.
Мицевски појасни дека целта на власта останува исполнување на проектот, но по расчистување на сите нејаснотии во текстот.
– Согласно она што како пратеници и она што е очекување на сите граѓани, а тоа е Скопје да биде Европска престолнина за 2028 година, се направи одредено законско решение коешто денеска беше поднесено од страна на пратеници. Истото беше најавено, на денешната седница, беше ставено како точка на дневен ред. По реакции од опозицијата, на вонредна координација којашто се одржа во текот на самата седница, и врз основа на заеднички разговори донесена е одлука, поради дополнителни разгледувања и поради барање на опозицијата, како и за надминување на одредени работи што им се нејасни во самото законско решение, предлог-законот да биде повлечен од дневен ред – рече Мицевски.
Законското решение останува во собраниските фиоки и не е целосно отфрлено, додаде тој.
The post ЌЕ БИДЕ ДОРАБОТЕН ЗАКОНОТ ЗА СКОПЈЕ 2028 Предлогот е повлечен од дневниот ред, по реакциите на опозицијата appeared first on plusinfo.mk.