
Неколку кинески банки, вклучувајќи и одредени државни кредитори, добија дозвола од властите да собираат доларски депозити во земјата по каматни стапки повисоки од американската референтна стапка СОФР (SOFR – Secured Overnight Financing Rate), наведоа изворите кои побараа да останат анонимни. СОФР во моментов изнесува околу 3,61 отсто.
Овој потег сигнализира ублажување на ефективното ограничување воведено во 2023 година, кога јуанот беше под притисок. Тогаш регулаторите стравуваа дека повисоките каматни стапки за доларските депозити ќе ги поттикнат компаниите да ги префрлаат средствата од домашната валута во долари за да остварат поголеми приноси, со што дополнително би ослабел јуанот.
Според наводите на изворите, најмалку три банки во изминатите денови добиле нови упатства, но сè уште немаат преземено конкретни чекори.
Претставниците на кинескиот Саморегулаторен механизам за каматни стапки, индустриско тело кое го координира пазарното формирање на цените под надзор на Народната банка на Кина, не одговорија на повиците од „Блумберг“ (Bloomberg) во текот на работното време.
Иако кинеските банки и претходно користеа структурирани финансиски производи за да привлечат доларски депозити по стапки повисоки од ограничувањето поврзано со СОФР, новото упатство им дава на кредиторите поголема флексибилност во надметнувањето за девизни средства.
Овој потег, исто така, би можел да ги поттикне компаниите да ги задржат приходите од извоз и другите парични средства во долари, наместо да ги претвораат во јуани, со што би се помогнало во ограничувањето на понатамошното засилување на кинеската валута.
Домашниот јуан зајакна за повеќе од три отсто во однос на американскиот долар од почетокот на годината и во петокот се тргуваше на ниво од 6,77 јуани за долар, што го прави валута со најдобри резултати во Азија. Растот на оптимизмот кон кинескиот имот ја зголеми побарувачката за јуанот.
Аналитичарите очекуваат дека кинеската валута би можела дополнително да зајакне. „Голдман Сакс“ (Goldman Sachs) проценува дека во текот на следната година јуанот би можел да зајакне на околу 6,5 јуани за долар.