
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун испрати честитка до рускиот претседател Владимир Путин по повод рускиот Ден на државноста, изразувајќи притоа полна поддршка за внатрешната и надворешната политика на Москва, извести вчера Централната корејска новинска агенција (KCNA), а пренесува Ројтерс (Reuters).
Севернокорејскиот диктатор нагласи дека врските меѓу Северна Кореја и Русија јанкнат во сојуз заснован на сеопфатниот договор за стратешко партнерство и вети дека секогаш ќе биде со Русија. Руски и севернокорејски претставници го посетија споменикот и гробиштата на паднатите борци на Советската армија за да го одбележат рускиот Ден на државноста, додека руската амбасада организираше прием за високи севернокорејски функционери, извести KCNA.
Врските меѓу двете земји, наведува Ројтерс, се продлабочуваат во ек на севернокорејското распоредување илјадници војници во Украина за да ја поддржат Русија во таа војна. Официјални лица во Вашингтон и Сеул го обвинија Пјонгјанг за снабдување со артилериски гранати, проектили и други воени материјали за употреба во Украина, иако Москва и Пјонгјанг го негираа трансферот на оружје.
Двете земји потпишаа договор за стратешко партнерство за време на посетата на Путин на Пјонгјанг во јуни 2024 година, а се договорија и за отворање на клучен копнен мост што ги поврзува двете земји. Мостот, кој треба да биде завршен на 19 јуни, би можел дополнително да ја олесни трговијата и да ѝ обезбеди на Северна Кореја дополнителни средства за заобиколување на меѓународните санкции поради нејзините нуклеарни и ракетни програми.