Еден од копретседателите на ВЛЕН, Биљал Касами му честитал на косовскиот премиер Албин Курти за победата на парламентарните избори, пофалувајќи го и изборниот процес и демократската атмосфера во земјата.

„Во мое име и во име на ВЛЕН, му честитам на мојот пријател Албин Курти за убедливата победа на парламентарните избори во Косово.

Особено сум среќен за демократската атмосфера, мирните, слободни и фер избори, како што му доликува на Косово.

Се надевам дека институциите на Републиката ќе бидат консолидирани што е можно поскоро, врз основа на граѓанската волја изразена денес, за да можеме да ја продолжиме тесната соработка и добрата заедничка работа со Владата на Косово“, напиша Касами на социјалните мрежи.

Движењето Самоопределување на премиерот во заминување Албин Курти е во водство на вонредните парламентарни избори во Косово, покажуваат прелиминарните резултати на Централната изборна комисија (ЦИК) врз основа на обработени 97,76 проценти од гласачките места.

Според објавените податоци, Самоопределување освои 43,03 проценти од гласовите, односно 294.251 глас, што е помалку во споредба со изборите од декември 2025 година кога партијата доби 49,34 проценти од поддршката.

На второто место се најде Демократската партија на Косово (ДПК) со 21,15 проценти или 144.618 гласови, додека трета е Демократската лига на Косово (ЛДК) со 17,68 проценти или 120.870 гласови. Алијансата за иднината на Косово (АИК) освои 7,22 проценти, односно 49.345 гласови. Најсилната српска политичка партија во Косово, Српска листа, освои 5,89 проценти или 40.291 глас и, според податоците на ЦИК, забележа убедлива победа во сите општини со српско мнозинство.