Општина Карпош ги информира граѓаните кои претрпеа материјална штета од силното невреме што го зафати подрачјето на општината на 21 јули 2026 година дека е започната постапката за пријавување и проценка на штетите.

Од општината посочуваат дека процесот на утврдување и надомест на штетата ќе се реализира во соработка со Владата на Република Северна Македонија и Градот Скопје.

„Општина Карпош ги известува граѓаните кои претрпеа материјална штета од силното невреме дека е во тек приемот на барања за пријавување на настанатата штета“, се наведува во соопштението.

Заинтересираните граѓани образецот за пријава можат да го подигнат во архивата на Општина Карпош или да го преземат електронски на следниот линк. Пополнетите барања, заедно со потребната документација, треба да се достават во општинската архива секој работен ден од 7:30 до 15:00 часот.

Рокот за поднесување на барањата е 30 дена од денот на настанувањето на штетата. Кон пријавата граѓаните треба да приложат копија од важечка лична карта или патна исправа, доказ за сопственост на имотот, фотографии од оштетената локација, како и записник од Министерството за внатрешни работи за настанатата штета.

Од Општина Карпош информираат и дека граѓаните кои веќе поднеле барања ќе бидат дополнително контактирани од општинските служби, доколку е потребно усогласување или дополнување на документацијата.

„Постапката за проценка и надомест на штетата ќе се спроведува во соработка со Владата на Република Северна Македонија и Градот Скопје“, наведуваат од општината.

Општината апелира граѓаните навремено да ги достават барањата и целосната документација за да може да продолжи процесот на проценка на пријавените штети.