
Канада ќе се приклучи кон заемот на Европската Унија за Украина со почетен износ од 500 милиони евра, изјави денеска канадскиот премиер Марк Карни.
Изјавата беше дадена по дводневниот самит ЕУ-Канада одржан во Монтреал, каде што канадскиот премиер Марк Карни одржа разговори со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, објави АФП.
Според договореното, Канада ќе придонесе кон финансискиот пакет за поддршка на Украина од 90 милијарди евра на Европската Унија, во рамки на поширокото продлабочување на партнерството со Брисел.
„Во однос на заемот за Украина… 500 милиони евра ќе биде нашето почетно учество“, изјави Карни на заедничката прес-конференција, нагласувајќи дека станува збор за многу важен и ефикасен механизам.
Како дел од најновиот договор, Канада првично ќе придонесе со 500 милиони евра кон пакетот заеми на ЕУ за Украина во износ од 90 милијарди евра.
Канадскиот премиер оцени дека механизмот, кој предвидува користење на замрзнатите руски средства за финансирање на Украина, е иновативен и го поздрави пристапот на Комисијата и на Советот на ЕУ. Тој додаде дека учеството на Канада е пример за спроведување на новото здружување со Европската Унија.
Договорот беше објавен во петокот по самитот, на кој покрај помошта за Украина беа договорени и соработка во областа на критичните минерали, вештачката интелигенција и дигиталната трговија.