
Во близина на островот Шолта во Далмација, во тек е интензивна потрага по австрискиот капетан на едрилица кој утрово падна во морето за време на силна бура и исчезна, соопшти Министерството за море, транспорт и инфраструктура на Хрватска.
Шест австриски државјани останале на едрилицата. Тие се пронајдени неповредени, а во меѓувреме, на бродот е ставен капетан за замена за да ги однесе на безбедна дестинација. Потрагата по исчезнатиот маж досега е неуспешна.
Националниот центар за координација на пребарување и спасување на море во Риека добил извештај за падот на капетанот на едрилицата денес во 9:10 часот наутро, преку Окружниот центар 112. Бидејќи во областа на исчезнувањето имало исклучително неповолни временски услови, во потрагата биле вклучени сите расположиви единици.
Два спасувачки чамци од Капетанија на пристаништето во Милна, еден чамец од канцеларијата на Хвар и три чамци од Поморската и аеродромската полиција во Сплит пребаруваат на море. Во соработка со Крајбрежната стража, организирано е и пребарување од воздух.
Штабот во Ријека директно контактирал со шестчлениот екипаж на двокорпусната едрилица, која е во сопственост на хрватска чартер компанија, и ја утврдил нивната приближна позиција. Набрзо биле пронајдени неповредени.
Во соработка со чартер компанијата, на едрилицата бил поставен нов капетан, кој го презел управувањето со бродот и ќе го однесе до следната дестинација, каде што екипажот ќе се истовари.