Струмица од 4 до 8 август ќе биде домаќин на „Камерна визија – Струмица 2026“, петдневен музичко-сценски проект посветен на камерната музика, кој ќе понуди концерти, предавања, мастер-класи, индивидуална настава и специјализирани работилници.

Годинава во рамките на проектот ќе се одржи и 17-то издание на Интернационалната работилница за дувачки инструменти, камерна музика и дувачки оркестар. Во програмата ќе бидат опфатени хорна, труба, кларинет и фагот, а со учесниците ќе работат истакнати професори и уметници од Македонија и Словенија.

Во Струмица ќе настапат Александар Гошев на хорна, Јоже Котар на кларинет, Зоран Митев на фагот, Јоже Рошер на хорна и Уршка Рошер на труба, придружувани од пијанистката Ивана Јанаќиева Глигорова.

Свеченото отворање е закажано за 4 август во 20:00 часот во НУ Центар за култура „Антон Панов“, каде што концерт ќе одржат професорите што ќе бидат ангажирани како предавачи и ментори на семинарот.

Учесниците ќе пристигнат истиот ден и ќе бидат сместени во храмот „Свети Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици“, каде што од 9:00 часот ќе започнат наставните активности.

Во следните денови наставата ќе се одвива според распоред утврден од менторите. Предвидена е индивидуална и групна работа по инструменти, по што учесниците ќе имаат часови по камерна музика и настава во рамките на дувачкиот оркестар.

На 6 август во 20:00 часот, во фоајето на НУЦК „Антон Панов“, ќе се одржи концерт на талентирани млади музичари. На него ќе настапат деца што не се дел од кампот, на различни инструменти, како и учесници во работилницата со подготвени камерни изведби.

Проектот ќе заврши на 8 август со свечен целовечерен концерт на сите учесници, камерните состави, дувачкиот оркестар и нивните ментори. Во рамките на завршната вечер ќе бидат доделени дипломи, благодарници и плакети.

Концертната програма ќе содржи различни камерни состави – од дуети до квинтети, и дела од светската класична литература, современи композиции и творби на македонски композитори. Посебен акцент ќе биде ставен на камерната музика за дувачки инструменти и пијано.

Покрај редовните мастер-класи и индивидуалните часови за ученици, студенти и млади музичари, ќе се одржи и специјализирана работилница за изработка и обработка на писки, односно трски за фагот. Учесниците ќе имаат можност да се запознаат и да изведуваат дела на бас-кларинет и контрафагот – инструменти што ретко се достапни во едукативните музички програми во Македонија.

Идејниот творец, проф. Александар Гошев, посочува дека „Камерна визија – Струмица 2026“ ги обединува концертната и едукативната дејност, овозможувајќи им на младите музичари непосредно да учат и да настапуваат со истакнати професори и уметници.

Целта на проектот е камерната музика да се доближи до пошироката публика, да се промовира македонското музичко творештво и да се создаде простор за размена на знаење, уметничка соработка и афирмација на младите музичари. Со петдневната програма, организаторите очекуваат „Камерна визија“ да ја збогати летната културна понуда и да остави траен придонес во музичкиот и културниот живот на Струмица. /Р.Ѓ./

The post „Камерна визија – Струмица 2026“ од 4 до 8 август со концерти, мастер-класи и музички работилници appeared first on Radio StrumicaNet.