Откорнатите лимови и покриви кои во невремето што завчера попладне го зафатија Скопје буквално летаа на сите страни, според еко-активистот Марјан Калевски и советник во Град Скопје од коалицијата „Зелен Хуман Град“, се резултат на неквалитетно и непланско градење. Тој за „Локално“ изјави дека сепак најголем проблем се паднатите дрвја и дека тоа при секое поголемо невреме ја покажува тоталната негрижа за градското зеленило.

-Еден од најголемите проблеми е неквалитетното и непланското градење на градежната мафија каде што во трката за правење што поголем број на згради се штеди на материјали и не се запазуваат сите критериуми за квалитетни градби. Имено, во невремето летнаа огромен број на покриви и тоа силно го наметнува прашањето колку од градбите се изведени како што треба, вели Калевски.

Според него, за покривите да бидат по стандарди тие мора да имаат правилно димензионирана носечка конструкција, механичко анкерирање во армиранобетонскиот венец, доволно густи и соодветни споеви, решени рабови и стреи, каде што ветерот создава најголем потисок.

-И да нема импровизирани реконструкции. Друг проблем се огромиот број на дивоградби кај кои не се знае дали нешто е нaправено по стандарди, изјави Калевски.

Фото: Фејсбук/Марјан Јаневски

Тој појаснува дека за голем број лимови кои летнаа при невремето, а кои што се користат за огради околу градилишта, покажува дека и тие се несоодветно поставени.

-Во самиот Закон за градење – Член 3 став (2) јасно е наведено: Основните барања за градбата се однесуваат на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита. Фактот дека оградата е привремена не значи дека може да биде небезбедна. Затоа, летнатите лимови од градилиштата не докажуваат дека невремето било над проектните услови за зградите. Туку, се гледа дека привремените огради во Скопје често се поставуваат импровизирано, без реална пресметка за ветер. При најавено силно невреме, тие треба дополнително да се потпрат, да се демонтира дел од облогата или да се користи перфорирана, мрежеста заштита, објаснува Калевски.

Според него, завчера при нвремето, кога за кусо време имаше силен пороен дожд и дуваше ветер со јачина од 130 километри на час, многу поголем проблем се паднатите дрвја.

-Со секое невреме излегува на виделина тоталната негрижа за зеленилото. Најголема загуба е кога ќе видиме откорнато од земја големо, старо дрво кое за разлика од младите дрвја дава огромни еко-системски услуги за луѓето и цел жив свет. Големите дрвја најчесто се случува да паднат од силен ветер зашто не се одржувани како што треба, односно како прво не се кроени. Велам кроење, а не кастрење затоа што при кастрење најчесто без внимание или знаење се сечат гранки што треба и не треба и после тоа дрвјата се подложни на болести и напади од инсекти, а со кроење треба да се посветува големо внимание за секоја гранка и целата крошна на дрвото како целина, изјави Калевски.

Е.Б.