Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, изјави дека очекува новиот состав на американскиот Конгрес да продолжи да ја поддржува Украина и да изврши поголем притисок врз Русија за да се стави крај на војната.

„Гласачите во САД јасно ја изразија својата волја. Се надевам дека новиот Претставнички дом и новиот Сенат ќе продолжат да ја поддржуваат Украина и да вршат поголем притисок врз Русија“, изјави Калас денеска во Брисел.

Таа ја нагласи важноста на трансатлантската соработка и заедничкиот настап на Вашингтон и европските престолнини во однос на Москва.

„Европа и САД заедно се многу посилни. Важно е овие пораки јасно да ѝ се пренесат на Русија, со вршење притисок врз неа да ја заврши оваа војна“, порача Калас, додавајќи дека останува да се види како изборните резултати ќе се одразат врз американската политика.

Нејзините изјави доаѓаат по изборите во САД, на кои Демократската партија, според проекциите објавени од американските медиуми, освоила мнозинство и во Претставничкиот дом и во Сенатот.

Тоа значи дека претседателот Доналд Трамп во преостанатите две години од мандатот ќе се соочува со Конгрес под контрола на опозициската партија.