
„Приоритетите на вашето претседателство го одразуваат точно она што и е потребно на Европа – одбрана на нашите вредности, зајакнување на нашата безбедност и поттикнување на нашата конкурентност. Европа мора да остане принципиелен глобален актер“, изјави Каја Калас во Даблин по состанокот со ирската министерка за надворешни работи, трговија и одбрана, Хелен Мекенте.
Каја Калас рече дека самите принципи не се доволни и дека Европа мора да поседува и „тврда моќ“ за да ги брани, а тоа значи да инвестира во својата безбедност, да ги зајакнува своите одбранбени капацитети и да гради капацитети за заштита на своите граѓани и своите интереси, пренесе Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).
Таа укажа дека не се доведува во прашање „гордата ирска традиција на воена неутралност“, но дека неутралноста не нуди имунитет од заканите со кои Европа се соочува денес.
„Ниту една земја во Европа не е тргната од списокот на мети на Русија. Од почетокот на руската инвазија врз Украина, видовме пораст на хибридните напади и саботажи, вклучително и против нашата критична инфраструктура, како што се подводните кабли“, изјави Калас.
Таа ја понови оценката на министрите за одбрана на ЕУ од вчерашниот состанок дека руската „флота во сенка“ претставува сериозна закана, бидејќи тие бродови шверцуваат нафта што е под санкции, ја загрозуваат екологијата на морињата и од нив се лансираат хибридни напади.
Таа укажа и дека бродови на руската морнарица повеќепати биле фатени во близина на критичните кабли за податоци и енергија и нагласи дека ЕУ не смее рамнодушно да дозволува тоа да се случува.
„Неопходни се поголеми инвестиции во поморските капацитети за нашите земји да бидат безбедни“, рече Калас.
Таа додаде дека Ирска се обврзала да го зголеми своето трошење за одбрана за 55 процент до 2030 година и дека тоа е јасен знак дека Ирска ги зголемува напорите во таа насока.
Калас истакна и дека разговарале за ситуацијата на Блискиот Исток, укажувајќи дека таму сега има кревка пауза, и изрази надеж дека страните набрзо ќе постигнат договор. Исто така, таа нагласи дека враќањето кон војна од големи размери би имало огромна цена за целиот регион.
Таа рече и дека е неприфатливо да продолжи блокадата на Ормускиот Теснец, укажувајќи дека последиците од тоа се одразуваат далеку надвор од регионот, ја нарушуваат глобалната економија и го загрозуваат снабдувањето со храна.
Калас исто така укажа дека Либан, каде што се наоѓаат илјадници европски војници во рамките на мировните сили на ОН (УНИФИЛ), е блиску до работ, и дека службата и посветеноста на персоналот на УНИФИЛ заслужуваат почит и благодарност од ЕУ.
Таа му оддаде признание и на долгогодишниот ирски придонес за мирот, стабилноста и безбедноста во Либан, а потсети и дека ЕУ го предложи 21-виот пакет санкции против Русија.