
„Не е одличен, но од сите досегашни извештаи на Европската комисија за состојбите во правосудството е најдобар“ – вака вели констатира премиерот Христијан Мицкоски за извештајот на Европската комисија за состојбите во правосудството. Покрај нотираните позитивни оценки, има и критики за констатиран притисок од политичари врз судии и обвинители, но и потребите за повеќе пари за обвинителството и судството. Мицкоски вели – нема да добијат и ги повика да покажат поголема ефикасност.
„Катастрофалниот извештај на Европската комисија за владеењето на правото е најсилната потврда дека правосудниот систем во државата е под сериозен политички притисок од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски“– велат во опозицијата. Европската комисија во извештајот јасно нотира мешање во судството и обвинителството, отсуство на реформи, широко распространета корупција и проблематични јавни набавки.
И додека СДСМ смета дека сето кажано не случајно и претставува систематска политика на контрола врз институциите од страна на власта, премиерот Мицкоски посочува дека и граѓаните не се задоволни од испораката на правдата, па затоа и тој ќе продолжи да го критикува правосудниот систем.
Критики и од Левица, велат Комисијата опишува држава во која корупцијата продолжува да навлегува и во секторите од кои зависат животот и здравјето на граѓаните.
-Здравството, јавните набавки и распределбата на јавните средства остануваат меѓу најризичните области, додека државата не покажува доволно резултати во нивното расчистување. Особено загрижува оценката дека корупциските ризици во здравството и натаму остануваат високи. Тоа е реалност што секојдневно ја плаќаат пациентите. Недостиг на терапија, сомнителни набавки, хаотично управување со јавните здравствени установи и хронично отсуство на одговорност, создаваат систем во кој граѓаните стануваат заложници на партиско-коалициските лукративни интереси. Европската комисија предупредува токму на секторот каде што човечкиот живот не смее да зависи од партиски кадри и клиентелистички мрежи, порачаа, меѓу другото, од опозициската партија.
Дел од експертите се зачудени од изјавите на премиерот. „Не знам во кој филм е премиерот, ама вакво ниво на комуникација и однос кон судската власт и јавното обвинителство е непримерно за една европска држава“, вели универзитетскиот професор, Гордан Калајџиев за „Локално“. Според него, владеењето на правото бара независни и компетентни институции на правдата.
-Целата ситуација зборува лошо за нашата општа и правна култура. Не може власта врз правната држава да гледа пазарџиски и од аспект на дневнополитичките интереси. Брука, потенцира професорот.
Калајџиев истакнува дека создавањето услови за непречено функционирање на судовите и обвинителството е императив за извршната власт.
-Не знам од каде овие султански манири на премиерот кон правните институции, прашува соговорникот, нагласувајќи дека состојбите во правосудството се критични веќе подолго време.
-Тешко дека некој може да го измери тоа прецизно од година во година. Битно е дека Европа јасно ни става до знаење дека нешто мора да се промени. Јас сум убеден дека доколку власта покаже доблест да ги тргне рацете од овој сектор, работите веднаш ќе тргнат на подобро. Лесна задача. Кој може да разбере, посочува Калајџиев.
Извештајот покажува и дополнително опаѓање на довербата во судството. Во 2026 година само 21 отсто од граѓаните и 19 отсто од компаниите сметаат дека независноста на судовите и судиите е добра или многу добра, додека една година претходно тие проценти изнесувале 28, односно 26.
Како главни причини за ниската доверба се наведуваат перцепцијата за мешање и притисок од Владата и политичарите, како и влијанието на економски и други посебни интереси врз работата на судството.
Извештајот не ја споменува по име екс-обвинителката Ленче Ристоска, но јасно е на кого мисли ЕК кога зборува за притисок и лични критики кон судии и јавни обвинители. Во април годинава таа поднесе оставка од обвинителската функција откако Савески ѝ ги повлече овластувањата за застапување во повеќе високопрофилни предмети, меѓу кои и „Талир 1“ и „Талир 2“ против поранешниот премиер и бегалец од правдата, Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.
Ристоска тогаш соопшти дека повеќе не постојат услови за независно и принципиелно извршување на обвинителската должност и предупреди дека одземањето на предметите носи конкретни ризици за постапките што се однесуваат на висока корупција и криминал.
Во извештајот е нотирана и постапката за разрешување на поранешниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски. Европската Унија наведува дека Владата ја продолжила постапката и покрај негативното мислење на Советот на јавни обвинители, а засегнатите страни оцениле дека случајот претставува негативен преседан со потенцијално сериозни последици за автономијата на Јавното обвинителство и владеењето на правото.
Н.П.