
Државниот санитарен и здравствен инспекторат не добил службена информација дека водата во болницата за белодробни заболувања во Лешок е загадаена со колиформни бактерии, ниту пак има надлежност да го проверува квалитетот на водата. Инспекторката Лилјана Коцева од ДСЗИ за „Локално“ изјави дека надлежноста за контролата на исправноста на водата е во Агенцијата за храна и ветеринарство, а во случај кога има загадување, таа информација по службена должност се доставува до Центрите за јавно здравје и тие даваат препораки како да се постапува.
-Точно е дека ние контролираме дали болниците исполнуваат услови за работа, но при тоа не постапуваме во делот на квалитетот на водата. Тоа е надлежност на АХВ и епидемиолозите и центрите за јавно здравје кои даваат препораки што ќе се прави, односно дали ќе се прочистува водата од водоводниот систем или ќе се користи техничка вода. Како ние ќе дадеме забрана за работа на болница, ако има колиформни бактерии во водоводот. Ние при контролите постапуваме по други параметри кои ги проверуваме!, изјави за „Локално“ Коцева.
Таа рече дека по програмата за работа еднаш годишно прават контрола на болниците дали исполнуаат услови за работа, како и дека постапуваат и по пријави, но дека за случајов до нив не стигнала пријава.
Според Законот за санитарна и здравствена инспекција, ДСЗИ врши надзор врз просторот, опремата и условите заработа на здравствената установа. Ако при надзорот констатираат сериозни недостатоци кои го загрзуваат здравјето на пациентите, Инспекторатот може да донесе решение за отсранување на недостатоците или привремена забрана за вршење на дејност.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес конференција изјави дека добиле документи кои, како што рече, укажуваат на дополнителни сериозни пропусти во контролата на квалитетот на водата.
-Во болницата во Лешок, на крајот на мај, никој не реагирал. Официјални документи од Центарот за јавно здравје. Примерок од чешма во болница каде што се лекуваат луѓе – 51 колиформни бактерии на 100 милилитри вода. Па добро, знаат ли овие луѓе што прават? Какво е ова менаџирање на институциите? Што е целта? Да се загрози здравјето на сите луѓе во државата?, праша Филипче.
Е.Б.