Струмичкиот фудбалски стратег Југослав Тренчовски ќе биде нов шеф на стручниот штаб на словенечкиот гигант ФК „Олимпија“ Љубљана. Тој на тренерската позиција ќе го наследи Мишо Бречко и ќе го преземе кормилото на популарните „змајчеки“.
Тренчовски минатата сезона остави одличен впечаток предводејќи го „Радомље“, тим со кој постигна забележителни резултати и беше едно од пријатните изненадувања во словенечкото првенство. Неговиот ангажман во „Радомље“ заврши по последното коло од сезоната.
Сега пред искусниот струмички тренер е нов и значително поголем предизвик – да ја предводи „Олимпија“ Љубљана, еден од најпознатите и најтрофејни словенечки клубови. Во составот на клубот настапува и македонскиот интернационалец Димитар Митровски.
Југослав Тренчовски долги години беше дел од ФК „Академија Пандев“, а потоа тренерската кариера ја продолжи на Блискиот Исток и во Азија. По враќањето во Европа се пресели во Словенија, каде со успешната работа во „Радомље“ го привлече вниманието на фудбалската јавност.
Назначувањето на чело на „Олимпија“ Љубљана претставува големо признание за Тренчовски, но и значаен успех за струмичкиот и македонскиот фудбал.

The post Југослав Тренчовски нов тренер на словенечкиот гигант „Олимпија“ Љубљана appeared first on Radio StrumicaNet.