
Главниот град со години се соочува со истите проблеми – нередовен јавен превоз, загаден воздух, комунален отпад, долгови на јавните претпријатија, хаотичност околу урбанизмот. По смената на градската власт, дилемата е дали има придвижување откако изминуваат една година од мандатот на Орце Ѓорѓиевски на чело на Град Скопје.
Дали скопјани живеат во почист и пофункционален град и дали нешто се промени за овие 12 месеци во однос на претходно се прашањата на кои се бара одговор. Координаторката на советничката група на Левица во Советот на Град Скопје, Катерина Јовановска оценува дека Скопје и покрај набавката на нови контејнери се уште е преполно со ѓубре, нови автобуси се уште нема, автобус се чека и по 40 минути, се уште нема Луна парк – ниту пак се работи на него, ја нема ниту Универзалната сала, воздухот се уште е загаден, нема велосипедски патеки, се работи на истите сообраќајници на кои што работотеле и предходните градоначалници,односно се довршуваат предходни проекти, јавните претпријатија се уште се нефункционални…
-Скопјани не живеат подобро сега, во однос на лани, ниту пак градот е почист или пофункционален, затоа на прашањето дали нешто се смени во Скопје изминатава година ќе кажам – НЕ, вели категорично Јовановска во изјава за „Локално“.
Од друга страна пак, додава соговорничката, во Советот на Град Скопје се гуши секаков обид на опозицијата за демократска, конструктивна дискусија, се почесто стримот за пренос на седниците во живо има „технички проблеми“, а Ѓорѓиевски, според неа, исто како и претходничката Данела Арсовска не доаѓа на редовните седници. Само што тогаш во времето на претходната градска власт, вели Јовановска, советниците на ВМРО-ДПМНЕ ги напуштаа седниците и немаше кворум за работа и се блокираше работата на Советот, а сега не им пречи отсуството на градоначалникот.
-Очигледно е дека единствено нешто што добро функционира е ПР -от на владеачката партија ДПМНЕ, која што упорно и по една година нова градска власт и по повеќе од две години апсолутна власт во државата се уште успева на граѓаните да им ја продаде приказната дека некогаш, во некоја блиска (или далечна) иднина, ќе живеат подобро, порачува советничката од Левица.
Ѓорѓиевски вчера во дебатна емисија порача дека како град се финансиски консолидирани, за 18% е зголемена наплатата оваа година и вели: „Мислам дека сме стабилни и ќе можеме на сите предизвици да одговориме во наредните три години, онака како што планираме“.
Градоначалникот тврди дека ребаланс на буџет, за разлика од минатото, сега се прави во случаи на заштеда од одредени постапки и проекти, со цел заштедените средства да се реалоцираат за нови проекти кои, како што вели Ѓорѓиевски, кореспондираат, со неговите предизборни ветувања. Тој најави дека со краткиот ребаланс на буџетот се предвидува изградба на две нови училишта кои ќе се градат паралелно, од кои едното во Драчево, а другото во Ѓорче Петров.
„Ребалансот на буџетот го правиме секогаш кога ќе ни останат средства. Ќе се случи да имаме заштеда од одредени постапки, проекти и така натаму, и тие средства ги предвидуваме за нови проекти коишто кореспондираат со сето она што јас сум го ветил во предизборието пред граѓаните“, рече Ѓорѓиевски и додаде:
„Еве ексклузивно, две нови училишта коишто паралелно ќе почнеме да ги градиме. Тоа е ново училиште на местото на ветеринарното училиште и гимназијата во Драчево и училиштето во Ѓорче Петров, каде што, за жал, во 21 век средношколците наши таму учат во бараки“.
Градоначалникот се осврна и на состојбите со капиталните инвестиции и рече: „Заклучно со трет квартал, 1,1 милијарда денари е реализацијата, што е за 50% повеќе од првата година на Петре Шилегов и 40% повеќе од времето на Данела Арсовска. Мислам дека тоа е, ако земеме предвид дека 5,2 милијарди, до крајот на годината би имале околу 2 милијарди, повеќе од една третина се за капитални инвестиции, што не било случај години наназад и можеме сите да посведочиме за тоа.“
Ѓорѓиевски се надоврза и кажа дека со изградбата на Лимак, од првично планираните средства, биле остварени заштеди и истите биле реалоцирани за да се започне постапката за нов кружен тек на влезот во Скопје од страната на Сарај и нов мост, нешто што било ветувано со децении наназад во главниот град.
„Нас за втората фаза на Лимак, подземната сообраќајница „Македонија“, по проект и по буџет ни беа предвидени 1,1 милијарда денари, во тендерска постапка цената падна на 750 милиони денари. Остатокот од средствата ние ги реалоциравме и затоа беше ребалансот, за да започнеме постапка за нов кружен тек на влезот во Скопје од страната на Сарај и нов мост. Проект којшто е ветуван триесетина години во главниот град“, рече Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски сподели дека иако неговото предизборно ветување било само реализација на првата фаза на подземната сообраќајница „Македонија“, сепак истата до крајот на мандатот ќе се реализира во целост.
„Лимак, добро познат во јавноста, или подземната сообраќајница „Македонија“, јас во кампањата ветив дека ќе ја реализирам само првата фаза, а тоа е влезот на Кисела Вода према тунелите што се планираат, но до крајот на мандатот ќе ја реализираме во целост. А тоа е сериозен проект.“, кажа, меѓу другото, Ѓорѓиевски во емисијата „Директно“.
Н.П.