Од сите опции за решавање на проблемите во Пензискиот фонд, според економскиот истражувач во Виенскиот Институт за меѓународни економски студии, Бранимир Јовановиќ, покачувањето на старосната граница за пензионирање во моментов е најлошата. Според него, најавите од Министерството за финансии дека со ММФ и Светска банка ќе прават анализи за реформи на пензискиот систем и дека се размислува старосната граница за пензионирање да се зголеми на 73 години за оние кои што сакаат да работат, според него може да се изведе, но дека тоа сега воопшто не е препорачливо, бидејќи животниот век во Македонија по пензионирањето е меѓу најниските во Европа.

-Не е препорачливо, затоа што животниот век во Македонија по пензионирање е меѓу најниските во Европа. Во Македонија, откако ќе се пензионираат, луѓето живеат во просек околу 12 години. Во ЕУ, тоа е околу 20 години, а во поразвиените земји, како Австрија, оди и до 22. Така што, од сите опции кои се на располагање за решавање на проблемите на Пензискиот фонд, покачувањето на границата за пензионирање е најлошата можна во моментов, изјави Јовановиќ за „Локално“.

Според него подобра опција е да се зголемат приходите во Пензискиот фонд, што може да се направи на повеќе начини.

-Прво, треба веднаш да се укинат сите ослободувања и ограничувања на пензиските придонеси. Многу фирми во Македонија се се уште ослободени од придонеси и лицата со највисоки примања имаат лимит на износот на придонеси кој го плаќаат, односно, плаќаат ефективно пониски стапки на придонеси од сите останати. Ако се укинат овие ослободувања и ограничувања, можат да се обезбедат околу 15 милиони евра за Пензискиот фонд годишно, констатира Јовановиќ.

Соговорникот смета дека втора мерка која може да ја преземе Владата е да воведе прогресивен данок, и на личен доход, и на добивка.

-Во повеќето земји во ЕУ, Пензискиот фонд се полни не само од придонесите, туку и од општите даноци. Така што, ако се воведе прогресивен данок, ќе се зголемат вкупните приходи, и дел од нив ќе може да се пренасочи кон пензискиот фонд, посочува Јовановиќ.

Според него, Владата не треба да бега ни од опцијата за зголемување на придонесите.

-Пензискиот придонес во Македонија сега е 18,8%, што е меѓу најниските во Европа. На тоа ниво беше намален во времето на Груевски, во она негово лудило на намалување на даноците, што всушност направи голема буџетска дупка. Пред тоа изнесуваше 21,2%. Ниту една влада по она на Груевски немаше храброст да го врати придонесот на нивото од порано, веројатно затоа што се плашат од протести, ама мислам дека може да се изведе тоа на прифатлив начин, во договор со синдикатите, така што ќе се предвиди дека не смеат да се намалат платите на работниците поради повисокиот придонес, изјави Јовановиќ, додавајќи постојат опции за решавање на проблемите на пензискиот фонд, но дека прашањето е само што ќе избере Владата.

-Се надевам дека нема да ја избере најлошата, потенцира економскиот аналитичар.

Е.Б.