Додека температурите во Јапонија достигнуваат и до 38 степени Целзиусови, а властите предупредуваат на опасност од топлотен удар, две јапонски компании претставија необично решение за справување со екстремните горештини – „фрижидер за луѓе“.

Уредот, наречен „Do Hiemon“, односно „лична кутија за ладење“, е развиен во соработка меѓу производител на автомати за продажба и компанија специјализирана за производство на челични кутии за алати. Неговата цена изнесува околу 8.000 евра, објавува „Телеграф“.

Станува збор за кабина изработена од нерѓосувачки челик, во која е поставено седиште за корисникот. Откако човекот ќе седне внатре, системот започнува да испушта силни млазови ладен воздух со температура од околу 5 степени Целзиусови.

Воздухот е насочен кон главата, вратот, рамената и грбот, со цел за кратко време да го разлади телото и да помогне во намалувањето на телесната температура за време на екстремно топлите денови.

Иновативното решение е замислено како алтернатива за брзо разладување во услови кога високите температури претставуваат сериозен ризик за здравјето.

The post ЈАПОНЦИТЕ ИЗМИСЛИЈА „ФРИЖИДЕР ЗА ЛУЃЕ“ Одговор на екстремните температури appeared first on plusinfo.mk.