Откако новата словенечка влада предводена од Јанез Јанша ја презеде должноста, од владината зграда во Љубљана беше отстрането палестинското знаме. Истовремено, Израел најави отворање на својата прва амбасада во таа земја, а Тел Авив порачува дека промената на власта означува ново поглавје во билатералните односи, што предизвика остри политички реакции, пишува агенцијата „Анадолу“.

Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар, ја поздрави промената на власта. „Откако словенечкиот парламент ја потврди новата влада предводена од Јанез Јанша, вечерва ја објавив одлуката за отворање на првата израелска амбасада во Љубљана“, објави тој денеска на социјалната мрежа „Х“. Додаде дека му наложил на генералниот директор на министерството, Еден Бар-Тал, брзо и ефикасно да ги покрене сите потребни процеси за воспоставување на амбасадата и за избор на амбасадор.

„Јанез Јанша е истакнат пријател на Израел, а неговиот избор создава единствена можност за унапредување на односите меѓу нашите земји, кои во последните години беа на ниско ниво поради непријателството на претходната влада во Љубљана“, порача Саар, критикувајќи го кабинетот на Роберт Голоб, кој денеска ја предаде должноста.

Отстранувањето на палестинското знаме од владината зграда, на која сега покрај словенечкото се веат уште и знамињата на ЕУ и на Украина, остро го критикуваше поранешниот премиер Роберт Голоб. „Првиот потег на новата влада зборува повеќе од илјада зборови“, изјави тој.

„Еве каде сме. Словенија се сврте на срамната страна од историјата“, порача тој, истакнувајќи дека новата влада даде заклетва и го отстрани знамето точно на втората годишнина од словенечкото признавање на Палестина, што го нарече „тажна коинциденција“.

Голоб наведе дека знамето не било подигнато „само за Палестинците, туку и за правдата, достоинството, сочувството, хуманоста и мирот“. Тој рече дека неговата влада била принципиелна и дека со истакнувањето на украинското и палестинското знаме покажала дека нема двојни стандарди.

Палестинското знаме симболично беше подигнато на зградата на словенечката влада кон крајот на мај 2024 година, кога тогашната влада му предложи на парламентот признавање на Палестина како независна и суверена држава. Парламентот ја потврди таа одлука на 4 јуни 2024 година.