За поднесената тужба од здружението Форум за образовни промени против Министерството за образование и наука за студентскиот оброк, министерката Весна Јаневска рече дека разговараат со студентите во обид да најдат решение. Таа во одговор на новинарско прашање рече со претставниците на студентите разговараат и за тоа да се смени системот за субвенционирање, и дека тие побарала да се воведе моделот од Словенија.

-Ние во рамки на нашите можности, ќе се обидеме да им излеземе во пресрет иако не сме Словенија, рече Јаневска.

Таа кажа дека во преговорите со студентите се вклучил и премиерот Христијан Мицкоски

-Во 2023 година е одобрен студентскиот оброк и кога дојдовме на власт преговаравме со студентите постигнавме договор за 2025 година, со кој сме го прошириле опсегот на нивно барање. До моментот за овие најави во сила бил овој договор. Почнавме преговори со студентите и мислам дека е најзначајно што ние треба да се усогласиме и убедена сум дека ќе најдеме решение, рече Јаневска.

Таа појасни дека разговараат за разумно користење на субвенцијата за здрав студентски оброк.

-Одредени извештаи покажуваат дека намената на оброкот не е целосно спроведена, односно дека дел од студентите не го користат во делот на здравата исхрана. Оттука идејата дека треба да направиме промени, така беше и во минатото тие самите бараа да се смени системот, и бараа нешто слично што има во Словенија, рече Јаневска.

Здружението Форум за образовни промени пак денес објави дека поднеле тужба против МОН, бидејќи студентскиот оброк не е милостина и студентите не треба да поднесуваат барања до Министерството за тоа да ја зголеми сумата согласно зголемената годишна инфлациска стапка.

За се почестите физички пресметки меѓу малолетници, кои насилството го снимаат и објавуваат на социјалните мрежи министерката рече дека и досега направиле многу, односно дека побарале наставниците да бидат присутни во дворовите на училиштата за време на одморите, склучиле договор со Комората на психолози да им помогне и на наставниците и на социјалните служби, но и на родителите полесно да се справат со врсничкото насилство.

Склучивме договор со комората на психолози и тие неколку месеци работеа на терен ги подучуваа наставниците, стручните служби, и се обидовме да ги вклучиме родителите. Во правец на препознавање кај детето е дека трпи некакво насилие и го поврзавме со семејното насилство, бидејќи стручњаците велат дека голем дел од врсничкото насилство е поврзано со семејното. Од оваа кампања ќе излезат завршни извештаи и ќе има платформа на која ќе може да пристапи секој наставник, родител и социјален работник каде психолозите даваат совети како да се постапува во такви случаи, рече Јаневска.

Таа рече дека и натаму ќе продолжат со агресивни кампањи против врсничкото насилство, но дека и малолетниците и нивните родители мора да станат свесни дека за секоја активност има и одговорност.

-Бројот на случаи не е зголемен, туку бруталноста е зголемена, а тоа е апатија на останатите деца, кои со негодување се вклучуваат во тоа, кога гледаат и снимаат а не се обидуваат да го спречат насилието стануваат соочесници во насилството и со нив и психолозите и социјалните служби треба да работат. Жалам што има ваква појава ќе продолжиме агресивно да водиме кампањи во Македонија. Но наша обврска е да ја сведеме на минимум, рече Јаневска.

Е.Б.