Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, упати честитка до учениците, наставниците и родителите по повод завршувањето на учебната 2025/2026 година, оценувајќи дека изминатиот период донел позитивни промени и значајни реформи во образовниот систем.
Таа истакна дека во текот на учебната година биле воведени повеќе новини во воспитно-образовниот процес, со цел подобрување на условите за учениците, наставниците и стручните соработници. Според неа, првите резултати од преземените мерки веќе се забележуваат, што претставува дополнителен поттик за продолжување на реформите во образованието.
Јаневска им честиташе на сите ученици за постигнатите успеси и им посака убав летен распуст исполнет со одмор, дружење и нови искуства. Воедно ги охрабри младите слободното време да го искористат и за читање литература, стекнување нови знаења и развивање на своите вештини, како и одговорно користење на дигиталните технологии.
Посебна благодарност министерката упати до наставниците, нагласувајќи дека тие остануваат најважниот столб на образовниот процес. Таа потсети дека е донесена одлука за ново зголемување на платите од 7,5 проценти, со што вкупниот раст на примањата во последните две години надминува 20 проценти. Паралелно со тоа, како што посочи, се работи и на подобрување на условите за работа и професионален развој на наставниот кадар.
Во пораката беше упатена благодарност и до родителите и старателите, со апел за уште поголема соработка во наредниот период, особено во справувањето со врсничкото насилство и создавањето безбедна и поттикнувачка училишна средина.
Министерката најави дека Министерството за образование и наука го очекува активно работно лето, во кое ќе се реализираат повеќе важни процеси, меѓу кои државната матура, уписите во средните училишта, набавката на нови учебници, изработката на наставни програми, дигитализацијата и инфраструктурните проекти во образованието.
Во меѓувреме, повеќе од 14.500 матуранти продолжуваат со полагањето на државната матура, додека полуматурантите се подготвуваат за упис во средните училишта. За учебната 2026/2027 година во 109 јавни средни училишта низ државата се обезбедени над 25.000 слободни места.
The post Јаневска со честитка до учениците: Ви посакувам убав и незаборавен летен распуст appeared first on Прва Скопска ТВ.