Апелацискиот суд делумно ја потврди пресудата против екс-градоначалникот Стевчо Јакимовски за изградба на општинската зграда во Карпош. Второстепениот суд е согласен со пресудата од 1 година затвор за бесправно градење, во кое се засметува и времето кое Јакимовски го помина во куќен притвор. Сега е на потег е судијата за извршување санкции.

За второто дело, злоупотреба на службената положба и овластување, за кое предвидената казна е од три до пет години, прифатена е жалбата на Јакимовски и предметот се враќа на повторно судење, иако делото му застарува во 2027 година. Првостепената пресуда за второобвинетиот, кој доби условна осуда е укината од апелациониот суд и предметот е вратен на повторно постапување.

Јакимовски тврди дека е осуден политички, посочи дека редовен бил на сите 43 рочишта. Очекува на Врховен ваквата одлука да падне.

„Осуден сум политички, не затоа што сум направил кривично дело или сум ја злоупотребил својата положба и овластување. Осуден сум затоа што власта, овој диктаторски режим си постави во Карпош тотално неспособен градоначалник кој четири месеци буквално блешее низ прозорецот на својот кабинет, пушејќи во него и потоа земајќи боледување, коешто е лажно и оттогаш наваму му се губи трагот. Значи тоа е причината, а поводот кој што е искористен е оваа и таа друга барака 1 и 2 кои се изградени, односно се поставени овде во кругот на Основното училиште „Лазо Трповски“. Поводот е поставувањето на овие две бараки за кои недостасува само едно ливче, а тоа е дека имаме дозвола за поставување на времен објект“, рече екс-градоначалникот и додава:

„Очигледно во оваа ситуација не е важно дали си виновен туку во моментов има потреба да бидам осуден, а тоа е да бидам спречен да се кандидирам на повторените избори за градоначалник на општина Карпош“.

Екс-градоначалникот вели „дека не се лути на судиите и знае дека работат под притисок“.

„Очекував вакви слични работи. Сакам да му порачам на премиерот – важи една изрека: „Кој си игра со меч, од меч ќе загине, односно со каква мерка мериш, со таква мерка утре ќе ти мерат“. Кога они не се на власт, познати се плачковци и велат за прогон… Целиот прогон сум го издржал машки и не сум велел дека сум болен, секогаш сум го почитувал судот“, рече Јакимовски пред новинарите.

Според обвинението, Јакимовски како градоначалник дозволил објектот на општина Карпош каде што е сместена општинската администрација да се изгради без одобрение за градба и без соодветно архитектонско-урбанистичка документација.