Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, нема веднаш да ја започне затворската казна доколку биде прифатено барањето за одложување што најавува дека ќе го поднесе во законски предвидениот рок.
Откако од Основниот кривичен суд Скопје информираа дека на Јакимовски му е издаден упатен акт со кој треба на 2 јули да се јави во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, неговата одбрана најавува дека ќе ја искористи можноста што ја предвидува Законот за извршување на санкциите.
Според информациите што ги потврдија Јакимовски и неговиот адвокат Виктор Цветковски, барањето за одложување ќе се темели на оправдани причини, меѓу кои се наведуваат и здравствени околности. Адвокатот посочува дека законот дозволува ваква постапка кога постојат услови што го оправдуваат одлагањето на почетокот на издржување на казната.
Законот предвидува повеќе основи поради кои осудено лице може да побара одложување на заминувањето во затвор. Меѓу нив се болничко лекување од потешка акутна болест, тешка болест или смрт во потесното семејство, потреба од завршување неодложни работни обврски, полагање испити или завршување учебна година, како и семејни околности поврзани со грижа за деца, стари, болни или немоќни лица.
Доколку барањето се поднесува поради здравствени причини, одложувањето може да трае сè додека трае болеста или лекувањето. Во таков случај, осуденото лице има обврска на секои 30 дена да доставува нов доказ за здравствената состојба.
Барањето за одлагање на почетокот на извршувањето на казната затвор се поднесува во рок од три дена од приемот на упатниот акт.
Јакимовски е правосилно осуден на една година затвор во предметот поврзан со изградбата на општинската зграда во Карпош, откако Апелациониот суд ја потврди пресудата. Сепак, тој не треба да ја издржи целата казна зад решетки, бидејќи во неа се засметува и времето што претходно го поминал во притвор.
Според пресметките, од едногодишната казна му преостануваат уште околу седум месеци затвор, имајќи предвид дека пет месеци веќе бил во притвор.
Паралелно со најавеното барање за одложување, Јакимовски најави и правна битка пред Врховниот суд, каде што ќе ја оспорува правосилната пресуда.The post ЈАКИМОВСКИ ГО ПОВЛЕЧЕ ПОСЛЕДНИОТ ПОТЕГ: ЌЕ СЕ ОДЛОЖИ ЛИ ПАТOT КОН ШУТКА? appeared first on Politika.