Водата од градскиот водовод во Гостивар сè уште не е исправна ниту за пиење, ниту за користење како техничка, покажаа тестирањата кои ги спроведоа експерти од скопски „Водовод“ по катастрофата што го снајде градот и истурањето на фекалии преку три потопни пумпи. Ова го актуелизираше и прашањето за контролата и обезбедување на изворот Рашче.

Над 90 проценти од водата во Скопје доаѓа од изворот Рашче за потребите на над 700 илјади жители. Но, во близина на изворот има околу два милиони тони индустриски отпад кој е во допир со подземните води во околината на изворот, со што постои ризик тој да биде загаден. Станува збор за отпадот кој содржи шествалентен хром од историската депонија на фабриката Југохром.

Во април годинава, беше соопштено дека Владата во соработка со Општина Јегуновце и Град Скопје работи на решавање на проблемот со дивата депонија што се наоѓа над самиот извор.

„Почнавме испитувања на три нови позиции во Градот Скопје што би значеле алтернатива за изворот Рашче. Станува збор за пообемни и стратешки важни операции за водоснабдувањето на главниот град. Недопустливо е 30–40 години да немаме резервна опција“, изјави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на седница на Советот на Град Скопје, одржана во вторникот (7 април). Тој тогаш нагласи дека во моментов нема опасност за изворот Рашче, дека состојбата е стабилна, а водостојот повисок отколку во изминатите 25 години.

Според дел од експертите, изворот Рашче има заштитни зони, а Градот Скопје има обврска од Вруток до Скопје да учествува во сите прочистителни станици, а тоа го нема според заштитните зони. Многу фактори влијаат пред да се случи тоа што не треба да ни се случи.

Како што вели, екс-директорот на Геолошкиот завод, Науаф Баара, сите канализации од отпадните води од Вруток па наваму, без прочистителни станици влегуваат во Вардар. Сепак, потенцира изворот е фантастичен.

-Во летните периоди, имаме околу 5 метри кубни во секунда. Менаџирањето на изворот е под „Водовод и канализација“. Од Вруток од Гостивар, Тетово, Брвеница…сите општини во тој реон ги отпуштаат отпадните води во Вардар. Самите скопјани, канализацијата исто така без филтерна и прочистителна станица, се влеваат во Вардар, вели Баара во изјава за „Локално“.

Тој информира дека кај Штуловиот факултет во Тетово има фантастична прочистителна станица и со втора категорија на вода може да врши наводнување.

-Замислете Град Тетово каде испушта. Град Скопје има обврска да помогне во сите нацрт-планови за заштита на животна средина, потенцираа Баара.

За индустриската депонија на „Југохром“ во Јегуновце, соговорникот вели декаа има геолошки расед кој не дозволува изотопи од депонијата во реката Вардар.

-Регионален проблем е што немаме прочистителни станици за отпадните води и канализациите. Ако ние немаме од втора класа да ги испуштиме во Вардар, се е џабе, констатира Баара.

Според Агенцијата за просторно планирање, заштитните зони околу изворот „Рашче“ и мерките за чување на водата за пиење се законски уредени со цел да се спречи секакво намерно или случајно загадување на овој витален природен ресурс, кој го снабдува речиси цел скопски регион.

Околу изворот се воспоставени четири посебни заштитни зони со различен степен на рестрикција и надзор. Првата потесна заштитна зона (Зона на строг санитарен надзор), го опфаќа непосредниот простор околу каптажите Рашче I и Рашче II, пумпните станици, галериите и резервоарите. Тука е целосно забранет пристап за неовластени лица, а земјиштето е под постојано физичко и техничко обезбедување од службите на ЈП „Водовод и канализација“.

Првата поширока заштитна зона се протега низ непосредната околина во која се забранува изградба на какви било индустриски објекти, патишта без соодветна заштита или инфраструктура која може директно да влијае на подземниот водоносен слој.

Втора заштитна зона (Зона на санитарно ограничување), најчесто ја опфаќа планината Жеден, која функционира како природен филтер и акумулација која го храни самиот извор. Во оваа зона строго се контролираат и ограничуваат земјоделските активности, употребата на пестициди, хемикалии, сточарството и секаков вид сеча или ископување

Третата заштитна зона (Зона на хигиенско-епидемиолошко набљудување) го опфаќа поширокото подрачје во кое надлежните државни и локални институции вршат редовен мониторинг врз развојот на околните населени места, управувањето со отпадните води (изградба на канализациони системи и санација на септички јами) и квалитетот на околната почва.

Емилија Аневска, раководител на Секторот за санитарна контрола во ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, вчера рече дека состојбата во главниот град останува стабилна и под строга контрола. Аневска во изјава за „Телма Тв“ ги уверува скопјани дека лабораторијата, која е акредитирана веќе 15 години, континуирано стои зад резултатите и дека пиењето вода од градскиот водовод во Скопје е целосно безбедно.

Проблемот со депонијата на поранешен „Југохром“ во Јегуновце повторно се врати во јавноста, откако професорот Златко Илијоски предупреди дека таму има околу 7.000 тони шестовалентен хром и дека локацијата мора да се третира како опасен отпад. Според неговите проценки, во депонијата има околу 1,1 милион кубни метри материјал, односно повеќе од два милиона тони вкупна маса, што ја прави секоја идна интервенција и скапа и технички сложена.

Тревогата не е само во бројките, туку и во местоположбата на депонијата. Според експертите што со години го следат случајот, таа се наоѓа во чувствителен хидрогеолошки појас, во близина на Жеденскиот масив и изворот Рашче, што го отвора прашањето колкав е ризикот за подземните води што го хранат главниот водоснабдителен систем на Скопје.

Н.П.