
Партиските препукувања по недонесувањата на Изборниот законик, се засилија со обвинувањата за состојбите во правосудството по извештајот од Брисел за владеење на правото.
„Проблемот на триото СДСМ, Левица и ДУИ е што не можат да поднесат уште еден реформски успех на Македонија, затоа блокираат кога имаат можност. Реформите ќе продолжат, без разлика на нивните блокади“, велат во владејачката ВМРО – ДПМНЕ.
„Има политички притисоци, контролирано правосудство и обид за заштита на криминалот и продолжување на неказнивоста. Најновиот извештај на Европската комисија за владеењето на правото ја разоткрива суровата вистина за Македонија под власта на ВМРО-ДПМНЕ“, велат во опозициската СДСМ.
„Извештајот на Европската комисија за владеењето на правото претставува директна пресуда за моделот на владеење што го практикува ВМРО ДПМНЕ“ – велат во Левица. Наместо институции што го штитат јавниот интерес, комисијата опишува држава во која корупцијата продолжува да навлегува и во секторите од кои зависат животот и здравјето на граѓаните.
Дел од јавноста која секојдневно работи во судница низ годините наназад, состојбата во правосудството ја гледа низ призмата на крајната ефикасност за странките. Според адвокатот, Јасмин Калач, прво треба да се опише состојбата на терен, а реалноста е дека правдата е бавна, и тоа граѓаните го знаат.
-Кога за еден обичен печат за правосилност се чека со недели, или кога рочишта се закажуваат со интервал од една година за обичен трговски предмет за долг по фактура илинспор од работен однос, тоа е директен удар врз правната сигурност. Претпоставувам дека административните капацитети во судовите се сериозно дефицитарни, и тоа е аспект кој мора итно да се модернизира, вели Калач во изјава за „Локално“.
Во однос на финансирањето, вели тој, ставот е поделен.

Фото: Јасмин Калач
-Од една страна, судиите и обвинителите имаат примања кои се солидни споредено со просекот во државата, па сосема е оправдано јавноста и власта да очекуваат поголема ажурност и резултати. Особено бидејќи цело време слушаме за нискиот процент на доверба во судството. Од друга страна, финансирањето на судството не смее да биде инструмент за притисок. Проблемот не е само во парите, туку во системската организација на работата, распределбата на предметите, волјата на судиите да исполнат норма, и неискористеноста на постојните човечки ресурси, и пред се, мотивот за работа, објаснува Калач.
Неговиот став е дека треба да се фокусираме на професионална одговорност.
-Неефикасноста не се решава само со зголемување на буџетот, но ниту со негово ускратување. Потребна е поголема внатрешна дисциплина и модернизација на административните процедури, за судовите да станат сервис на граѓаните, а не место каде правдата се чека со години…, потенцира соговорникот.
Премиерот Христијан Мицкоски го коментираше извештајот и оцените во него велејќи бил најдобар во последните три години како и дека станува збор за редовен извештај што го објавува ЕК за сите земји членки, а последните три години е и за дел од кандидатите. Станува збор за 2023, 24-та и 25-та година. Од кандидатите се анализирани четири земји, тоа се Македонија, Црна Гора, Албанија и Србија.
Мицкоски истакна дека во него има пофалби, констатирани политики коишто испорачуваат, но и критики.
„Во него е констатиран притисок од страна на политичари кон судството. Кога зборуваме судството, мислиме и на обвинителството и на судството. Тоа е едно. Второ – имаме исто така констатиран факт дека требало повеќе пари да има за обвинителите и судиите. И трето – е критика за самите обвинители и судии, што е контрадикторно на втората забелешка. Така што, контрадикторни се тие два заклучока. Од една страна велат судскиот систем не испорачува, од друга страна Владата да даде повеќе пари. Тие две работи едно со друго не одат. Или ќе почнат да испорачуваат, па да добијат, или нема да добијат. Ете, вака накратко, тоа е мојот коментар, рече пред два дена премиерот.
Н.П.