
Европската комисија денес ги презентираше своите годишни извештаи за напредокот на земјите-кандидатки за членство во ЕУ. Покрај Македонија, извештаите ги опфаќаат Црна Гора, Албанија, Молдавија, Украина, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Турција и Грузија.
Заклучоците покажуваат дека конзистентните реформски напори водат кон конкретен напредок на патот кон ЕУ, како што се гледа во примерите на Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина, соопшти Комисијата. Четирите земји постигнале напредок во нивните преговори за пристапување, а работата на договорот со Црна Гора напредува, додала Комисијата и презентира патокази за овие четири земји, во кои се утврдени јасни чекори за следната година. Комисијата презентирала заедничка рамка за постепено вклучување во енергетиката, транспортот, дигиталните технологии и одбраната.
Што се однесува за Македонија, ЕК нотира дека земјата продолжи да работи на условите за отворање преговори во рамките на кластерот „Фундаментални вредности“. Ова вклучува усвојување план за реформа на јавната администрација и продолжување на работата на патоказот за владеење на правото, заедно со придружниот акционен план за малцинствата.
-Македонија сè уште не ги усвоила потребните уставни измени на кои се обврзала. Потребни се дополнителни напори за зајакнување на владеењето на правото. Земјата постигна значителен напредок во спроведувањето на реформите утврдени во нејзината агенда за реформи, што ја става меѓу најуспешните во Програмата за реформи во рамките на Планот за раст за Западен Балкан. За да се придвижи процесот на пристапување напред, од суштинско значење е да се засилат напорите за усвојување на потребните уставни измени и за исполнување на условите за отворање преговори, пишува Комисијата.
Меѓу следните задолжителни чекори, Брисел ги посочува зајакнувањето на независноста на судството, засилувањето на борбата против корупцијата и продолжувањето на реформите во енергетскиот сектор.
-Македонија ја задржа целокупната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и во однос на руската воена агресија врз Украина, со што испрати силен сигнал за својот стратешки избор за пристапување кон ЕУ и се покажа како доверлив партнер, стои, исто така, во извештајот.
Во делот на регионалните односи се потсетува на доследно спроведување на договорените обврски.
-Постоечките билатерални договори со соседните земји треба да бидат спроведени со добра волја од сите страни, вклучително и Преспанскиот договор со Грција, како и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, стои во документот. Во извештајот се забележува дека членови на Владата и високи функционери во одредени случаи го игнорираат договорот, вклучително и преку некористење на уставното име на државата. Според Комисијата, ваквото постапување може да влијае врз добрососедските односи со Грција.
Документот наведува дека земјава не постигнала напредок во борбата против корупцијата.
-Македонија е помеѓу одредено и умерено ниво на подготовка и нема постигнато напредок во превенцијата и борбата против корупцијата. Корупцијата и понатаму е распространета и претставува прашање од сериозна загриженост. Измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година во однос на кривичните дела злоупотреба на службената положба и криминално здружување не ги решаваат соодветно штетните ефекти од измените од 2023 година и придонесоа за правна несигурност, се вели во извештајот.
Во документот се истакнува дека Државната комисија за спречување на корупцијата треба да ја засили проактивната идентификација на потенцијални случаи на лошо постапување.
-Случаите на корупција на високо ниво и понатаму се соочуваат со одложувања и често застаруваат, што придонесува за перцепцијата на неказнивост, пишува во извештајот.
И покрај позитивните оценки во некои области, Македонија останува во застој во однос на суштинскиот напредок во преговорите за членство. Нашата држава има статус на кандидат од 2005 година и ја одржа Првата меѓувладина конференција во 2022 година, но сè уште не ги исполни условите за отворање на првиот преговарачки кластер.