
Израел потрошил десетици милиони долари на дигитална кампања насочена кон обликување на одговорите на вештачката интелигенција за војната во Газа, открива извештајот што го објави американскиот „Drop Site News“.
Во извештајот стои дека компанијата Клок Тауер X (Clock Tower X), во сопственост на поранешниот водител на кампањата на Доналд Трамп, Бред Парскал, склучила договор со израелската влада вреден 46,5 милиони долари. Во рамките на договорот изградиле мрежа од веб-страници чија цел била промовирање на израелските ставови и влијание врз платформите за вештачка интелигенција како ЧатГПТ (ChatGPT), Клод (Claude), Џеминај (Gemini) и Перплексити (Perplexity).
Drop Site се повикува на документи според кои Клок Тауер X објавил стотици статии на низа интернет-страници. Содржината се занимавала со војната во Газа, израелските воени операции и односите меѓу САД и Израел.
Кампањата била насочена кон одговорите што ги генерираат големите јазични модели (ЛЛМ). Идејата била да се создаде содржина што пребарувачите ќе ја индексираат, а системите за вештачка интелигенција потоа ќе ја интегрираат во своите бази на податоци. Таа практика понекогаш се нарекува „труење на ЛЛМ“.
Страниците имале многу малку вистински посетители бидејќи нивната публика не биле луѓето, туку пребарувачите и системите за обука на вештачката интелигенција. Порталите како Allyvia.org, FactSignal.org и Paxpoint.org промовирале, на пример, посилна воена соработка меѓу САД и Израел, ја бранеле израелската воена кампања во Газа и ги оспорувале обвинувањата на сметка на израелските постапки, нудејќи исклучиво произраелска перспектива.
Drop Site наведува дека некои системи на вештачка интелигенција веќе почнале да ги користат спорните страници како извори. Во еден тест, Перплексити го цитирал Allyvia.org во одговор за воената соработка меѓу САД и Израел. Копајлот (Copilot) на Мајкрософт исто така користел извори поврзани со компанијата Клок Тауер X.
Содржината од овие страници доспеала во базите за обука на вештачката интелигенција преку Комон Крол (Common Crawl), голем интернет-архив со кој се служат програмерите на јазични модели. Според извештајот, Комон Крол од јануари до јуни стотици пати индексирал десет страници поврзани со компанијата Клок Тауер X, што најверојатно ја засилило нивната присутност во одговорите што ги генерира вештачката интелигенција.
Ерве Летоке, извршен директор на организацијата Чек Фарст (Check First) која се занимава со сузбивање на дигиталните дезинформации, објаснува дека Комон Крол станал мета за манипулаторите бидејќи масовно се користи за тренирање модели на вештачка интелигенција.
„Комон Крол во науката за податоци широко се применува за обука на големи јазични модели. Тоа значи дека различни актери се обидуваат да ги прилагодат одговорите во своја корист, а некои истражувања покажуваат дека тоа е прилично лесно да се постигне“, изјави Летоке.
По анализата на спорните страници, Летоке оцени дека нивниот умерен стил и цитирањето извори би можеле да бидат ефикасни. Причината е тоа што четботовите често се обидуваат да прикажат повеќе различни гледишта.
„Таквите страници можат да бидат многу корисни за контрола на штетата кај прашања како ‘Дали Израел спроведува геноцид?’. Тие ја нудат израелската страна на приказната, која четботовите потоа можат да ја претстават како рамноправен дел од расправата“, заклучи тој.
Во извештајот на крајот се истакнува дека јавната поддршка за Израел во Соединетите Држави значително опадна од почетокот на војната во Газа, во која се убиени повеќе од 73.000 Палестинци. Слаба поддршка е забележана и меѓу групите кои традиционално се сметаа за цврсти израелски сојузници, како што се конзервативците и евангелските христијани.