Американските демократи остварија големи изборни победи, од Тексас до Охајо, а последиците од политичкиот потрес во Вашингтон би можеле силно да се почувствуваат и од другата страна на Атлантикот. Од иднината на НАТО и помошта за Украина до цените на енергијата, многу нешта зависат од тоа како Доналд Трамп ќе реагира на поразот и колку простор ќе има за водење на надворешната политика.

Демократите го освоија Сенатот и остварија значителни добивки во Претставничкиот дом, а нивните пратеници веќе најавуваат дека имаат намера темелно да ги истражат потезите на администрацијата на Трамп во текот на изминатите две години.

„Подгответе ги адвокатите“, предупреди во раните утрински часови во средата конгресменот Роберт Гарсија од Калифорнија, кој би можел да стане нов претседател на Комисијата за надзор во Претставничкиот дом.

Се очекуваат истраги за војната во Иран, управувањето со ФБИ (FBI), но и за бизнис-активностите на семејството на Трамп. Американската политичка сцена така би можела да ја зафати комбинација од афери какви што ги одбележаа претходните претседателски мандати, од аферата „Вотергејт“ и „Уајтвотер“ од времето на Бил Клинтон и првиот импичмент на Трамп, па сè до аферата „Иран-Контра“.

Но, што ќе значат случувањата во Вашингтон за Европа? „Политико“ (Politico) издвојува пет клучни прашања што европските престолнини би требало помно да ги следат.

1. Европа би можела да стане главна мета на незадоволството на Трамп

Дел од искусните набљудувачи сметаат дека европските сојузници би можеле да ги почувствуваат последиците од изборниот пораз на Трамп повеќе од кој било друг.

„Мораме да се подготвиме не за похармонични трансатлантски односи, туку за уште повеќе огорченост и уште повеќе барања од Трамп кон Европа“, предупреди Волфганг Ишингер, искусен германски дипломат и долгогодишен претседател на Минхенската безбедносна конференција.

По изборниот успех, демократите ќе имаат повеќе можности да го ограничуваат Трамп преку буџетски одлуки, надзорни сослушувања и истраги. Белата куќа би можела да се соочи и со построги услови за законските предлози што сака да ги протурка низ Конгресот.

Сепак, американскиот претседател и понатаму располага со значајни овластувања во надворешната политика, дипломатијата, националната безбедност и трговијата. Трамп досега покажа дека е подготвен дополнително да го проширува просторот за самостојно делување, користејќи претседателски уредби и правни механизми со кои го заобиколува Конгресот.

„Трамп командува со вооружените сили. Има контрола врз царините и трговските договори. Има моќ на јавен настап и влијание. Дури и ако демократите ги преземат двата дома на Конгресот, тој може да стави вето на законите“, изјави за „Брисел плејбук“ (Brussels Playbook) Фил Гордон, поранешен советник за национална безбедност на поранешната потпретседателка Камала Харис.

Затоа, судирите меѓу Белата куќа и Конгресот би можеле дополнително да се заострат, а Трамп би можел да се обиде да покаже дека и понатаму ја контролира политичката ситуација. Меѓународната сцена му нуди доволно простор за таква демонстрација на моќ.

Европа веќе долго време е една од неговите омилени мети, како и мета на најлојалните поддржувачи на движењето МАГА (MAGA), кои тврдат дека сакаат да го спасат континентот од самиот себе. Со оглед на тоа што на Трамп му преостануваат уште само две години од мандатот, европските сојузници би можеле да се соочат со уште посилни притисоци од Вашингтон.

2. Украина би можела да добие одмор, но не треба да се очекува чудо

Мнозинството водечки демократи доследно поддржуваат испраќање американска помош за Украина, сметајќи дека станува збор за одбрана на демократијата и меѓународното право, но и за прашање од национална безбедност за САД.

Нивното поголемо влијание во Конгресот би можело да отвори простор за нови пакети помош за Киев. Но, тоа не значи дека ситуацијата за Украина брзо ќе се промени.

„Дури и ако демократите одлучат да почнат да му испраќаат на Киев дополнителна помош, вклучувајќи пари, ќе бидат потребни месеци, а можеби и години за тоа навистина да се оствари“, предупреди Бронвен Медокс, директорка на британскиот институт „Чатам хаус“ (Chatham House).

Затоа, според неа, не треба „да се очекува моментално спасување за Зеленски“.

На Украина помошта ѝ е потребна веднаш, особено проектилите „Патриот“ (Patriot) кои се клучни за одбрана од руските воздушни напади. Киев се подготвува за уште една зима под непрекинати руски бомбардирања, а политичките промени во Вашингтон нема да донесат конкретни резултати на бојното поле доволно брзо.

3. Трамп би можел да се обиде да протурка сопствен мировен договор

Трамп се претставува како претседател кој прекинува војни и често истакнува дека ставил крај на осум меѓународни конфликти. Воедно тврдеше дека постигнувањето мировен договор меѓу Русија и Украина би требало да биде најлесно, а за отсуството на договорот сè почесто го обвинува украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Поранешниот американски дипломат Курт Волкер смета дека Трамп би можел да го занемари противењето на Киев и на европските сојузници и „да почне да ги укинува санкциите и да склучува бизнис-договори со Русија“.

„Лесно можам да замислам тоа да го направи еднострано и да му наложи на американското Министерство за финансии да се воздржи од спроведување на санкциите и да се обиде да склучи повеќе енергетски договори со Русија. Со Путин разговараше за враќање на големите американски компании во Русија“, рече Волкер.

Од друга страна, не се очекува Трамп нужно да ги спроведе своите закани за повлекување на САД од НАТО или намалување на американското воено присуство во Европа. Поверојатно е дека таквите пораки ќе ги користи како средство за притисок.

„Што се однесува до НАТО, мислам дека нема многу да се промени кога станува збор за повлекување од Алијансата или намалување на распоредените сили. Трамп во САД е прилично осамен во тој став. Нема поддршка од демократите, републиканците, Конгресот, ниту од медиумите.“

4. Не треба да се очекува брз пад на цените на енергијата

Иако цените на нафтата во понеделникот паднаа со најбрзо темпо од август наваму, суровата нафта „Брент“ (Brent), која е клучна меѓународна референтна вредност, и понатаму се продаваше по цена од 108 долари за барел.

За Европа клучно прашање е дали Трамп ќе успее да постигне договор со Иран и да обезбеди повторно отворање на Ормускиот теснец. Без тоа, енергетскиот шок би можел да продолжи, зголемувајќи ги трошоците за европските домаќинства и стопанството, и дополнително влошувајќи ја кризата со животниот стандард.

Последиците би можеле да се прелијат и на политичката сцена во европските држави. Извршниот директор на „Рајанер“ (Ryanair), Мајкл О’Лири, зборувајќи за воздушниот сообраќај и авиоиндустријата, предупреди дека тој сектор без договор „до следниот март или април ќе се соочи со вистинска криза“.

Притоа, Трамп нема многу добри опции. Може да ги обнови воените операции и да се обиде да го принуди Техеран на отстапки, да се надева на колапс на иранскиот режим, да прифати компромис или да се повлече и да им препушти на другите, вклучително на Европејците и Азијците, да го решаваат проблемот.

Продолжувањето на војната и новиот раст на цените на енергијата би биле изразито непопуларни кај американските гласачи. Но, изборниот пораз на републиканците покажа дека последиците од досегашната политика се веќе сериозни.

5. Вашингтон би можел толку да се занимава со самиот себе што ќе го заборави остатокот од светот

Постои и можност американската политика во претстојниот период толку да биде преокупирана со судирите меѓу Белата куќа и Конгресот, што за надворешната политика ќе остане многу малку простор.

Поранешната потпретседателка Камала Харис минатиот месец во еден подкаст ги предупреди демократите дека не треба повторно да се обидуваат да покренат импичмент за Трамп, оценувајќи дека тоа „не е добра идеја“.

Сличен апел упати и Рам Емануел, поранешен градоначалник на Чикаго. Тој ги повика партиските колеги да избегнат политички препукувања и да се насочат кон конкретни законодавни приоритети: намалување на трошоците за живот, зголемување на сојузната минимална плата и воведување нови етички правила за сите три гранки на власта.

Сепак, Вашингтон ретко успевал да им се опре соодветно на жестоките политички пресметки, а тие сега би можеле дополнително да се интензивираат. Притоа, најжестоките битки можеби нема да се водaт само меѓу републиканците и демократите, туку и внатре во самите партии, предупредува Џон Ф. Харис од „Политико“.

„Двете големи партии се соочуваат со тешки одлуки за тоа како да им се претстават на гласачите во претстојниот период од американската политика по ерата на Трамп“, оцени Харис.

За Европа такво сценарио би можело да биде посебно неповолено: дури и ако се промени односот на силите во Конгресот, тоа не значи дека Вашингтон ќе има повеќе волја или време за решавање на меѓународните кризи.