
Вонредните локални избори во Брвеница, според политикологот и воено-безбедносен аналитичар Милан Стефановски, за ДУИ беа натпревар за политичко преживување, а покажале дека владејачката ВМР-ДПМНЕ е во полна политичка кондиција. Тој за Локално изјави дека ВЛЕН немала никаква тежина во овој политички натпревар.
– Вонредните локални избори во Брвеница дефинираа неколку политички процеси. Прво, се потврдуваат анкетите дека ВМРО ДПМНЕ е во полна политичка кондиција бидејќи од нивниот кампус не се слеваат гласови, туку напротив во споредба со последните парламентарните избори бројките во Брвеница имаат дури и благ пораст, а СДСМ како главен политички противник практично не беше воопшто компетитивен во оваа политичка ранг листа во Брвеница, изјави Стефановски.
Тој додава дека изборите за ДУИ беа натпревар за политичко преживување во контекст на нивната идна позиција на моќ во однос на ВЛЕН, но и во однос на мобилизацијата на нивното членство.
– ВЛЕН како политичка партија немаше никаква тежина во овој политички натпревар. Во суштина ДУИ играше на етнички концепт, а не на прогресивен и развоен концепт и тоа во таа средина помина со некои 200 гласа разлика.
Овие избори покажаа дека ако немате политичка моќ како во случајов со ВЛЕН, тогаш треба да опстои довербата во политиката која ја спроведувате со својот политички коалициски партнер на централно ниво. Ако според изјавите на ВЛЕН дека гласовите не се во посед на никоја политичка партија, тогаш истите признаваат дека нивното политичко тежиште не постои бидејќи гласачите го одбрале нивниот политички опонент, во случајов ДУИ, вели Стефановски.
Тој додава дека во математичка смисла овие избори за ВМРО ДПМНЕ не значат ништо. Според него гласањето во Брвеница покажа дека политичката инертност на ВЛЕН и стравот од етнички губиток на гласови на сметка на граѓанскиот развој на општината покажува дека можеби ВЛЕН и не е доминантна политичка сила кај Албанците.
– Инаку кој политички интерес би имал ВЛЕН ако ДУИ победи во Брвеница, напротив, ВЛЕН има само мала етничка придобивка кај гласачкото тело во смисла дека ете они се чувар на албанскиот глас и оти е подобро да се има било каков Албанец за градоначалник наместо Македонец, а се во коалиција со најголемата македонска партија на централно ниво. ВЛЕН е губитник по многу основи. Тоа е политичката иронија на ВЛЕН. Ја изгуби довербата, а довербата е клучна за идни коалициски математики, вели Стефановски.
Тој не гледа како финансискиот случај Алта Банка во Србија би бил катализатор за политичка криза.
– Искрено, јас не гледам политичка криза тука во Македонија и не гледам како овој правен субјект кој влегол во Македонија почитувајќи ги прописите на НБРМ би бил катализатор за идна криза освен ако се докаже некаков криминал, корупција или било какви релевантни докази кои алудираат на незаконски постапки. Тогаш секако дека овој случај би предизвикал интерес во јавноста и во институциите чија надлежност е борба против корупцијата и криминалот, вели Стефановски.
Тој додава дека ако сепак некој се огрешил во случајот, треба да одговара без оглед на позицијата на која се наоѓа.
– Но, доколку некој се огрешил незаконски се разбира дека треба да одговара пред правниот и судски поредок без разлика колку високо е позициониран во политичкиот ешалон. Секоја криминална афера колку и да е релевантна или нерелевантна системот и институциите не треба да кризираат туку ефикасно да се справат, изјави Стефановски.
За тоа колку би биле ризични предвремени избори за владејачката коалиција во услови на меѓусебни несогласувања, тој вели дека нема идеална коалиција.
– Секако дека имало и ќе има меѓусебни несогласувања без разлика на кое ниво тие се случуваат се додека се опстои дека програмата на Владата треба да има приоритет во било какви партиски и политички калкулации. Ако се наруши тој принцип и се наруши принципот на доверба, тогаш изборите се логичен сплет на преструктуирање на политичката моќ како демократски израз на волјата на граѓаните. вели Стефановски.
Е.Б.