
Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово објави утрово, врз основа на 99,44 отсто од обработените избирачки места, дека одзивот на вонредните парламентарни избори на Косово изнесувал 36,83 отсто, а дека Движењето „Самоопределување“ освоило 42,91 отсто од гласовите.
Според последните прелиминарни податоци на веб-страницата на ЦИК, за „Самоопределување“ гласале 297.363 избирачи од вкупно излезените 721.797.
Демократската партија на Косово (ДПК) освои 21,08 отсто од гласовите, Демократскиот сојуз на Косово (ДСК) 17,60 отсто, а Алијансата за иднината на Косово 7,17 отсто од гласовите.
Ова е нешто послаб резултат за „Самоопределување“ во споредба со прелиминарните резултати од истиот број обработени избирачки места на изборите одржани во декември минатата година, додека ДПК, ДСК и Алијансата остварија нешто подобар резултат.
„Српска листа“, според прелиминарните непотполни резултати, ја доби поддршката на 6,17 отсто од гласачите, освојувајќи 42.761 глас.
Демократската турска партија на Косово освои 0,77 отсто од гласовите.
Прелиминарните резултати не ги вклучуваат гласовите пристигнати од странство, условните гласови и гласовите на лицата со посебни потреби, чие пребројување ќе следува во наредните фази од изборниот процес.
На изборите, според податоците на ЦИК, гласале 721.797 граѓани од вкупно регистрираните 1.959.962 гласачи