„Во извештајот на ЕК се повторуваат наодите особено оние за политичкото мешање и протисоци, како и недостигот од финансиски средства и човечки ресурси, кои што несомнено ја нарушуваат независноста на судството“, вели во изјава за „Локално“, поранешната претседателка на Антикорупциската комисија и актуелна членка на независната граѓанска иницијатива „Шанса за Центар“, Билјана Ивановска за годишниот Извештај за владеењето на правото во Европската унија и земјите кандидати, во делот за перцепциите за судската независност во Македонија.

Ивановска смета дека одговорност за овие наоди имаат и двете страни – и тие што вршат притисок, но и тие што подлегнуваат на притисокот. Посочува дека не гледа некоја значајна разлика во однесувањето на споменатите чинители.

За изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, дека судиите и обвинителите дека треба да испорачаат правда, но повеќе пари нема да добијат, бидејќи, како што вели, независноста со нив не се обезбедува, екс-претседателката на ДКСК смета дека со ваква изјава, премиерот не го почитува законот со кој се регулира распределбата на средствата во правосудството.

-Исто така од позиција на извршна власт врши притисок врз Судската власт
и потврдува дека само политичката волја е клучна, па дури и над законите…
Сметам дека со ваков пристап не се остава простор за професионално делување на судството, децидна е Ивановска.

Генерално, пишува во документот на официјален Брисел, само 21% од општата популација и 19% од компаниите го перципираат нивото на независност на судовите и судиите како доста или многу добро во 2026 година. Претходната 2025 година тие бројки изнесувале 28% кај општата јавност и 26% кај компаниите.

Мешањето и притисокот од другите државни гранки, се наведува во Извештајот, продолжуваат да предизвикуваат сериозна загриженост во врска со почитувањето на судската незавиност.

Независноста на судството и автономијата на обвинителството, пишува во документот, се поткопани и од малкуте пари што се одвојуваат од Буџетот. Тие се пониски од законскиот минимум, а Министерството за финансии и натаму го има главниот збор за одобрување на нови вработувања.

Дел од јавноста која секојдневно работи во судница низ годините наназад, состојбата во правосудството ја гледа низ призмата на крајната ефикасност за странките. Според адвокатот, Јасмин Калач, прво треба да се опише состојбата на терен, а реалноста е дека правдата е бавна, и тоа граѓаните го знаат.

-Кога за еден обичен печат за правосилност се чека со недели, или кога рочишта се закажуваат со интервал од една година за обичен трговски предмет за долг по фактура илинспор од работен однос, тоа е директен удар врз правната сигурност. Претпоставувам дека административните капацитети во судовите се сериозно дефицитарни, и тоа е аспект кој мора итно да се модернизира, рече, меѓу другото, Калач во изјава за „Локално“.

Извештајот на ЕК за македонското правосудство: „Неефикасноста не се решава само со зголемување на буџетот, но ниту со негово ускратување“

И дел од професорската фела е зачудена од изјавата на премиерот. „Не знам во кој филм е премиерот, ама вакво ниво на комуникација и однос кон судската власт и јавното обвинителство е непримерно за една европска држава“, вели универзитетскиот професор, Гордан Калајџиев за „Локално“. Според него, владеењето на правото бара независни и компетентни институции на правдата.

-Целата ситуација зборува лошо за нашата општа и правна култура. Не може власта врз правната држава да гледа пазарџиски и од аспект на дневнополитичките интереси. Брука, потенцира професорот.

Калајџиев за извештајот на ЕК: Не знам во кој филм е премиерот, ама вакво ниво на комуникација и однос кон судската власт и ЈО е непримерно за европска држава