Демократите ја презедоа контролата врз двата дома на американскиот Конгрес, откако Републиканската партија на претседателот Доналд Трамп ги загуби мнозинствата и во Претставничкиот дом и во Сенатот, пренесуваат американските медиуми. Овој исход претставува голем политички неуспех за Трамп, кој меѓуизборите ги претвори во референдум за сопствената политика. Со контролата врз двата дома на Конгресот, демократите ќе имаат значително поголемо влијание врз законодавниот процес, додека можностите на претседателот да ја спроведува својата политичка агенда ќе бидат ограничени.

Трамп изјави дека е подготвен да ги прифати изборните резултати и да соработува со демократите, иако претходно на социјалната мрежа „Truth Social“ напиша дека, доколку бил на гласачкото ливче, ќе победел со убедлива разлика. Сепак, денеска најави дека ќе употреби и вето.

Демократите забележаа неколку значајни победи во сојузните држави во кои традиционално доминираат републиканците. Во Тексас, нивниот кандидат Џејмс Таларико го победи Кен Пакстон, што претставува прва демократска победа за ова место по речиси четири децении. Историски резултат постигнаа и во Канзас, каде што Адам Хамилтон го победи актуелниот републикански сенатор Роџер Маршал. Демократите последен пат имале сенатор од оваа држава во 1932 година.

Се поставува дилемата дали овие избори се само тест за популарноста на Трамп или и пресвртница за американската надворешна политика? Според професорот на Факултетот за безбедност – Скопје и експерт за надворешна политика, Александар Иванов, претседателскиот политички систем на САД претпоставува големи овластувања на претседателот во извршната власт. Сепак, се работи за еден од највнимателно „калибрираните“ политички системи кој треба да обезбеди проверка и рамнотежа на власта, или како што го викаат Американците – checks and balances. Во разговор за „Локално“, вели дека, како што пишува Медисон, системот е така склупен што „амбицијата мора да ѝ се спротивстави на амбицијата“ за ниту една гранка од власта да не стане апсолутна.

-Во секој случај, оваа ситуација потсетува на периодот на падот на популарноста на Џорџ Буш Помладиот во 2006 година, со таа разлика што кај претседателот Трамп имаме јасни автократски тенденции и темперамент кој е премногу за која било политичка култура. Затоа, во огромен дел сметам дека ова е директна порака од гласачите до администрацијата на Трамп, со која се зајакнува законодавната власт, односно Конгресот преку Претставничкиот дом и Сенатот како противтежа на она што што почнува да изгледа на „империјално претседателство“. За многу политики на внатрешен план во САД ова веројатно ќе значи пат-позиција, но историски гледано, токму кога американските претседатели се блокирани дома, тие уште поагресивно се свртуваат кон надворешната политика каде што имаат поширок маневарски простор, оценува Иванов.

Фото: Screenshot/Youtube/New York Post

Последиците од политичкиот потрес во Вашингтон би можеле силно да се почувствуваат и од другата страна на Атлантикот. Од иднината на НАТО и помошта за Украина и односот со Европа, многу нешта зависат од тоа како Трамп ќе реагира на поразот и колку простор ќе има за водење на надворешната политика. Според соговорникот, Европа подолг период е мета на претседателот на САД и со внатрешната блокада во Вашингтон тоа уште повеќе може да дојде до израз.

„Во овој дел би издвоил три клучни реалности кои често се занемаруваат во дневната политика:

-Прво, битни се стратешките капацитети на Русија, кои се состојат од оперативна нуклеарна тријада, функционален систем за рано предупредување кој беше директно засегнат од нападите со долг дострел од Украина и свесност во Вашингтон за асиметријата помеѓу економската моќ и технолошките дострели од една страна, и асиметричната деструктивна моќ од друга. Опасноста по системот за рано предупредување на Русија кој следи и препознава лансирање на ракети е огромна, и многу ризична.

-Второ, физичката економија не трпи идеологија: и покрај развојот на зелената енергија, дизелот сè уште е горивото што ја движи тешката индустрија, бродскиот транспорт, земјоделството и рударството, а природниот гас го држи производството на електрична енергија. Европа ја плаќа највисоката цена за таа енергетска реалност.

-Трето, Украина и Иран, иако навидум различни кризи, се наоѓаат на истата стратешка линија во обидот да се обезбеди контрола врз Централна Азија“, нагласува професорот.

Околу тоа ако демократите ја преземат контролата врз Конгресот, колку реално ќе можат да ја ограничат политиката на Трамп, Иванов потстува дека политичкиот систем на САД е внимателно калибриран токму за вакви ситуации на поделба на власта меѓу законодавната и извршната гранка.

Според него, со контролата врз двата дома, Демократите добиваат три конкретни лостови:

-Контрола врз буџетот: Претседателот може да креира политики, но Конгресот е тој што ги одобрува парите. Од финансирање на одбраната и царинските политики, па сè до помошта за странство.

-Сенатскиот филтер за именувања и договори: без мнозинство во Сенатот, Трамп нема да може лесно да именува федерални судии, секретари во кабинетот или амбасадори без сериозни отстапки.

-Истражен и надзорен капацитет: конгресните комитети добиваат право на обврзувачки покани (subpoenas) и јавни сослушувања, со што можат политички и правно да ја парализираат администрацијата одвнатре.

Неминовн се и прашањата за односите на Македонија со САД по ваквиот развој на ситуацијата. Владата уште од самиот почеток на своето раководење со државата велеше дека е периметарот на американскиот претседател. Се поставува и дилемата дали треба да се потпираме на политичките односи со администрацијата на Трамп, наместо на долгорочни институционални партнерства? Проф. Иванов не смета дека Македонија во моментов е високо на радарот на американската администрација, напротив, како што вели, нашиот фокус е симнат на значително пониски ешалони во Стејт департментот.

-Ќе ве потсетам дека пред повеќе од 20 години имавме средба на ниво претседател со претседател, меѓу Борис Трајковски и Џорџ Буш Помладиот. Денес сме далеку од тој третман. Во најмала рака, добро е во овој нов распоред на сили во Сенатот конечно да се постави амбасадор во Скопје со полн политички и дипломатски мандат. Тоа би бил првиот конкретен добар знак дека регионот не е оставен на автопилот, посочува соговорникот.

Професорот исто така, наведува дека функционалните политички системи можат да спроведуваат различни политики, а американскиот претседателски систем навистина дозволува владеење преку извршни наредби (executive orders), со кои привремено се заобиколуваат одредени конгресни процеси. Но, додава тој, секоја политика заснована само на лични релации и извршни уредби трае само до следниот изборен циклус.

-Она што е сигурно е дека светските процеси се динамични и сведочиме на голема редистрибуција на економската моќ и технолошкиот развој во светот. Самата американска внатрешна политика се менува како реакција на нивните сложени внатрешни односи, но и како потреба од „рационализација“ на гласачкото тело за репозиционирање на САД во светот и свеста за намалувањето на нивниот унилатерален капацитет.

За малите држави едно е сигурно: институционализмот, економската соработка и либералните идеи за меѓународен поредок заснован на правила се единствената брана што ги штити од самоволието на моќните, нагласува Иванов, додавајќи дека секое персонално потпирање на која било држава или моментална гарнитура, без почитување и градење на наднационалните институции кои ни го овозможиле правото на самоопределување почнувајќи од ООН, па сè до мандатот на ОБСЕ во најмала рака е политички наивно.

-Затоа што, ако една мала држава слепо се прилепи за една сила или фракција надвор од институционалната рамка, таа неминовно станува само монета за поткусурување во пазарењето со некој друг, поважен играч во некој следен, згоден момент, заклучува соговорникот.

За одбележување е и дек водечкиот демократ Хаким Џефрис е на пат да стане првиот Афроамериканец на функцијата претседател на Претставничкиот дом.

Американскиот устав, исто така, му дава на Претставничкиот дом право да покрене постапка за отповикување на претседателот (импичмент). За евентуално разрешување потоа одлучува Сенатот, каде што е потребно двотретинско мнозинство, што тешко се постигнува. Во последно време Демократите покажуваа мал интерес повторно да покренат таква постапка против Трамп. За време на неговиот прв мандат, импичментите не успеаја да поминат во Сенатот.

Н.П.