Струмичанецот Иван Кукиќ со својот бенд „Sound Therapy“ приреди вистински музички спектакл во преполната со емоции „МТС дворана“ во Белград, каде што синоќа, го одржа двочасовниот концерт „Зачарани круг“. Моќен рок-звук, авторска музика, македонска традиција, врвни музички изведби и овации од публиката ја одбележаа вечерта за која српскиот музички портал „Music Pocket Magazin“ пишува со големо воодушевување.

Според пишувањето на српскиот портал, концертот бил вистинско музичко патување низ различни жанрови и генерации, во кое младиот струмички музичар уште еднаш го потврдил својот исклучителен талент и виртуозност на бас-гитарата.

Вечерта започнала со авторски композиции од албумите „Sunday Vibes“ и „Зачарани круг“, преку кои Кукиќ го претставил својот препознатлив музички израз, во кој се испреплетуваат рокот, џезот, фанкот и балканското музичко наследство. Особено воодушевување кај белградската публика предизвикала неговата соло-изведба на бас-гитара во ритам 22/8, која била проследена со бурни реакции и аплаузи.

Во продолжението на концертот бил оддаден и музички омаж на легендарната група „Индекси“, со изведба на неколку нивни познати песни.

Посебна атмосфера донеле гостите од групата „Калем“, кои емотивно ја извеле песната „Што те нема“, а заедно со Иван го претставиле и традиционалниот инструментал „Либе Тодоро“, спојувајќи ги звуците на виолината, акустичната и бас-гитарата.

Еден од најемотивните моменти на вечерта бил настапот на родителите на Иван, познатите струмички музичари Ленче и Горан Кукиќ, кои имаат повеќе од четири децении музичко искуство. Ленче ја испеала македонската народна песна „Катерино моме“ во рок-аранжман, додека Горан со изведбата на „Одисеја“ од Лео Мартин ја кренал целата сала на нозе.

Како што пренесува српскиот портал, семејниот настап бил еден од највпечатливите делови на концертот, потсетувајќи на музичките корени и традицијата што се пренесува од генерација на генерација.

Силни реакции предизвикала и осумминутната изведба на авторската композиција „Зачарани круг“, во која Кукиќ ги покажал своите музички и вокални способности.

Македонската традиција добила посебно место на белградската сцена и преку настапот на членовите на КУД „Гоце Делчев“ од Босилово и КУД „Браќа Минкови“ од Куклиш, кои го одиграле традиционалното „Комитско оро“, придружувани од бендот со моќен рок-аранжман. Според српскиот медиум, спојот на традиционалните македонски ритми, народната игра и современиот електричен звук создал особено впечатлив сценски момент.

Кулминацијата на вечерта следувала со појавувањето на легендарниот рок-музичар Дадо Топиќ, кого Иван Кукиќ го смета за свој музички идол.

„Иван Кукиќ е најдобриот музичар со кој некогаш сум свирел!“, кажал Топиќ пред белградската публика, упатувајќи му огромно признание на младиот струмичанец.

Заедно ги извеле песните „Елено ќерко“ и „Македонија“, а публиката ги испратила нивните настапи стоејќи, со громогласни овации.

По бурните аплаузи, Иван Кукиќ и „Sound Therapy“ се вратиле на сцената на бис, а за самиот крај ја избрале безвременската „Тајно моја“ од Тоше Проески. Придружуван од пијано и хорското пеење на публиката, Кукиќ приредил емотивна завршница во чест на македонската музичка легенда.

Во својот осврт на концертот, српскиот „Music Pocket Magazin“ особено ги истакнува авторската зрелост, инструменталната виртуозност и способноста на Иван Кукиќ да ја поврзе македонската музичка традиција со современиот рок-звук.

Порталот го завршува својот извештај со исклучително позитивна оценка за настапот на струмичкиот музичар, порачувајќи дека времето на Иван Кукиќ допрва доаѓа.

Со овој концерт во Белград, Иван Кукиќ уште еднаш покажа дека неговата музика ги надминува границите, а Струмица и Македонија имаат музичар кој со својот талент и авторски израз освојува нова публика на регионалната сцена. /Р.Ѓ./

ФОТО: Марина Пешиќ

Извор: Music Pocket Magazin – Иван Макрагиќ, 4 ноември 2026 година.

The post Иван Кукиќ ја крена на нозе белградската публика – Дадо Топиќ: „Иван е најдобриот музичар со кој некогаш сум свирел!“ appeared first on Radio StrumicaNet.