Италијанскиот дипломат Антонио Занарди Ланди останува кандидат за нов висок претставник во Босна и Херцеговина, а владата во Рим очекува за ова да се постигне консензус во рамките на меѓународната заедница.

Ваквата информација до медиумите ја проследија од италијанската амбасада во Сараево, откако членовите на Управниот одбор на Советот за спроведување на мирот во БиХ (ПИК) на почетокот на месецов не се усогласија за кандидатите за наследник на Кристијан Шмит на позицијата висок претставник.

Причина за тоа беше недвосмисленото несложување на влијателните европски држави — Франција, Германија и Велика Британија — со САД, чии претставници во Управниот одбор на ПИК ултимативно бараа да биде именуван токму Занарди Ланди.

По неуспешната седница на Управниот одбор на ПИК, од американската амбасада во Сараево остро ги обвинија европските држави за блокада, додека од делегацијата на ЕУ и амбасадите на државите членки на ПИК со помирлив тон повикаа на продолжување на дијалогот, со очекување дека договорот на крајот сепак ќе биде постигнат. Сега зад американскиот предлог јасно застана и италијанската дипломатија.

„Уверени сме дека амбасадорот Занарди Ланди е вистинскиот кандидат околу кој членките на ПИК можат да изградат консензус. Амбасадорот Занарди Ланди поседува искуство и способности потребни за одржување конструктивен дијалог со сите политички актери во земјата.

Тој би дејствувал со цел зачувување на интегритетот и стабилноста на Босна и Херцеговина и целосно спроведување на планот 5+2“, наведоа во изјавата од амбасадата на Италија, која ја пренесоа бањалучките „Независне новине“.

Од таму додадоа дека оваа кандидатура ја потврдува силната посветеност на Италија кон Западен Балкан и евроатлантските интеграции на Босна и Херцеговина.

Планот 5+2 се однесува на целите и условите за затворање на Канцеларијата на високиот претставник (ОХР) утврдени уште во 2008 година, кои подразбираат решавање на статусот на државниот имот, фискална одржливост, владеење на правото и општа политичка стабилност во земјата.

Занарди Ланди (76) важеше за фаворит на сегашната американска администрација откако Кристијан Шмит на 10 мај, токму под американски притисок, најави оставка од позицијата висок претставник, откако неполни пет години ја извршуваше таа должност и повремено посегнуваше по овластувањата што овозможуваат смена на избрани функционери и наметнување закони.

Американците, покрај поддршката за Занарди Ланди, заговараа и промена на улогата на високиот претставник, наведувајќи дека тој во иднина би требало да дејствува како медијатор кој ќе им помогне на домашните политичари да преземат поголема одговорност за решавање на отворените прашања во БиХ.

Кандидатот за нов висок претставник е роден во 1950 година во Удине, дипломирал право, а во професионалната дипломатска служба на својата земја стапил во 1978 година. Најзначајните позиции ги имаше како амбасадор на Италија во тогашната државна заедница Србија и Црна Гора од 2004 до 2006 година.

Од 2007 до 2010 година беше амбасадор на Италија при Светата Столица и Суверениот малтешки ред, а од 2010 до 2013 година амбасадор во Русија. По истекот на тој мандат ја презеде позицијата дипломатски советник на двајца претседатели на Италија. Влијателните европски држави, пред сè Франција, за висок претставник го предлагаа специјалниот француски пратеник за Западен Балкан, Рене Троказ.