Силно невреме проследено со пороен дожд и силен ветер синоќа зафати повеќе општини во Македонија, предизвикувајќи материјални штети и проблеми во сообраќајот. Најпогодени беа Ново Село, Струмица, Радовиш, Делчево и Куманово, каде беа урнати дрвја, бандери и оштетени електрични водови.
Во Општина Ново Село локалните власти апелираа на особено внимателно возење, бидејќи на повеќе патни правци има паднати дрвја и пречки на коловозите. Во Радовиш пожарникарите интервенираа за расчистување на улиците, а изгаснаа и пожар на објект во селото Подареш, предизвикан од искри од оштетени електрични жици. Во струмичкиот регион беа регистрирани пожари во штала во Висока Маала и на сува трева во Муртино, како и повеќе интервенции за отстранување паднати дрвја. Во Делчево невремето оштети кровови, електроенергетска инфраструктура и повеќе објекти, но засега нема информации за повредени лица.
Дел од жителите, меѓу кои и деца, биле безбедно евакуирани, а во расчистувањето се вклучени пожарникари, Центарот за управување со кризи и шумското стопанство. Во Куманово силниот ветер урна дрвја и лимени конструкции на повеќе локации, вклучително и на автопатот кон Скопје кај Романовце.
Надлежните служби во сите погодени општини се на терен и работат на нормализирање на сообраќајот и отстранување на последиците од невремето. Институциите апелираат граѓаните да бидат внимателни, да избегнуваат движење во близина на оштетени дрвја и електрични водови и секоја опасност веднаш да ја пријават на броевите 112 или 193.
The post Источна Македонија погодена од силно невреме, службите на терен цела ноќ appeared first on Скопско ЕХО.