Пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, во расправата по ребалансот на Буџетот за 2026 година оцени дека предложениот ребаланс не претставува развојна политика, туку документ со кој Владата се обидува да ги прикрие пропустите во првичното буџетско планирање преку нови задолжувања и прераспределба на средствата.

Тој потсети дека Левица уште при донесувањето на Буџетот предупредувала дека проекциите не се реални и дека ќе резултираат со дополнителни трошоци и нови задолжувања.

„Буџетот, особено ребалансов, ниту е развоен, ниту има план за економско зајакнување, а најмалку од сè е домаќински.“

Осврнувајќи се на буџетските приоритети, Исмаил посочи дека Владата издвојува огромни средства за НАТО, додека истовремено го продлабочува буџетскиот дефицит.

„Вие одвојувате 4% од БДП за НАТО, а во исто време имате дефицит од 4,1%. Приоритетите навистина треба да се ревидираат.“

Според него, ребалансот не е доказ за стратешко управување со јавните финансии, туку за реактивно владеење.

„Владата не управува никако стратешки. Напротив, само делува реактивно, не планира развој, туку купува време, не создава вредност, туку распределува трошок.“

Исмаил нагласи дека токму Буџетот е најдобриот показател за вистинските политики на една власт.

„Буџетот е најискрениот политички документ на секоја власт. Секоја власт декларативно се залага за култура, за екологија, за безбедност, но буџетот покажува дали навистина тоа се нејзини приоритети. Буџетот на оваа власт покажува дека сите нејзини декларации се само фарса.“

Во делот за културата, пратеникот на Левица оцени дека институциите се запоставени, а културната политика се сведува на манифестации.

„Културата ја создаваат институциите, а вие ги заборавивте институциите… Манифестациите се само политички параван каде што глумите дека правите некакви културни настани.“

Говорејќи за јавните инвестиции, Исмаил рече дека најголемото зголемување на средствата е насочено кон локални инфраструктурни проекти, за кои, според него, најлесно се извлекуваат јавни пари.

„Овие пари, каде што имате најголемо зголемување, се пари кои најлесно се пумпаат во приватни џебови преку јавните институции.“

Во завршницата од своето обраќање, Исмаил порача дека ребалансот не ја менува економската логика на државата, туку продолжува со истата практика на задолжување.

„Не правите нов производствен, енергетски или институционален капацитет. Само ја продолжувате старата практика – да земете долгови, да ги зголемите расходите, да префрлите пари од шупло во празно и така да направите атмосфера каде што ќе може да исечете по некоја лента и тоа да го наречете развој.“

Според Исмаил, документот што се наоѓа пред пратениците не претставува стратегија за економски развој, туку механизам за краткорочно политичко преживување.

„Документот кој пред нас го имаме за ребалансов е политичко преживување со јавни пари.“