
ИРАН упати директно предупредување до Бугарија поради најавеното распоредување американски воени авиони на нејзина територија. Техеран ѝ порача на Софија дека не смее да дозволи Бугарија да стане база за операции против Иран, пишува „Euronews“.
Предупредувањето се однесува на предлогот на бугарската влада за привремен смештај на до осум американски авиони-цистерни за дополнување гориво во воздушната база Безмер на југоистокот од земјата.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, изјави дека секоја поддршка за американските напади би значела дека Бугарија станува соучесник во, како што рече, „агресијата и воените злосторства“.
Ова не е првпат Техеран да испраќа ваква порака. Во април Иран ѝ испрати дипломатска нота на Софија во која ја предупреди Бугарија да не им дозволува на американските воени авиони да ги користат бугарските аеродроми за операции против Иран.
Бугарија и Соединетите Држави ги отфрлија иранските тврдења и истакнуваат дека распоредувањето на авионите KC-135 е исклучиво од одбранбен карактер и дека не е поврзано со воените операции на Блискиот Исток. Од Европската команда на американската армија соопштија дека внимателно ја следат ситуацијата и дека се подготвени да одговорат на сите закани.
„Соединетите Држави одржуваат регионални одбранбени капацитети на источното крило на НАТО, вклучително и во Бугарија, и блиску соработуваат со бугарската влада и нашите сојузници и партнери во целиот регион. Остануваме на штрек и подготвени сме да им се спротивставиме на сите потенцијални закани“, стои во нивното соопштение.
Бугарското Министерство за надворешни работи исто така одлучно ги отфрли сугестиите дека земјата би можела да се користи за напади врз Иран. „Нема говор за тоа дека од бугарска територија би се спроведувале какви било воени операции на Блискиот Исток“, порачаа од министерството.
Бугарската влада додаде дека не презема непријателски чекори кон Техеран. Ги повика Иран и САД да ги прекинат воените активности и да се вратат на преговорите за трајно примирје.
Американските авиони претходно беа стационирани на аеродромот во Софија. Кон крајот на јуни беше побарано нивно преместување од тој цивилен објект, а по повтореното американско барање, бугарската влада ја предложи воената база Безмер како нова локација.
Станува збор за авиони за дополнување гориво во воздух, кои на ловците и на другите воени летала им овозможуваат подолг престој во воздухот снабдувајќи ги со гориво за време на летот. Целата ситуација се одвива во контекст на обновените тензии меѓу Вашингтон и Техеран откако пропадна договорот за привремен прекин на огнот.