Иран се обврзал дека нема да произведува ниту да набавува нуклеарно оружје според нацрт-меморандумот за разбирање со Соединетите Американски Држави, изјавил висок ирански функционер, пренесува „Скај њуз“.Според информациите што доаѓаат од Техеран, деталите за постапувањето со постојните залихи на збогатен ураниум треба да бидат договорени во наредните 60 дена. Иран инсистира процесот на разредување на нуклеарниот материјал да се спроведе на негова територија.Нацрт-договорот предвидува и привремено укинување на американските санкции за иранската нафта, што би му овозможило на Техеран повторно да ја продава нафтата на меѓународниот пазар и да ги задржи приходите.Како дел од можниот договор, Иран би го деблокирал Хормускиот Теснец – еден од најважните светски поморски правци за транспорт на нафта и природен гас, додека САД би ја укинале поморската блокада на иранските пристаништа.Според иранскиот функционер, договорот вклучува и ослободување на замрзнат ирански имот во вредност од 25 милијарди долари.Во меѓувреме, катарски посредници пристигнале во Техеран за да помогнат во финализирањето на договорот, додека американски и пакистански претставници најавија дека спогодбата би можела да биде потпишана во текот на денот.Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека очекува договорот да биде постигнат наскоро, а иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи посочи дека страните се блиску до решение. Сепак, од Техеран доаѓаат и повнимателни пораки дека отпорот од тврдокорните политички кругови во Иран може да го забави процесот.Доколку биде потпишан, договорот би можел да претставува значаен чекор кон намалување на тензиите меѓу Вашингтон и Техеран и кон стабилизирање на состојбите на Блискиот Исток.