
Иранските власти ја обвинија Украина за напад врз ирански трговски брод во Каспиското Море вчера наутро, кога еден морнар беше убиен, а друг повреден, објави денес иранската новинска агенција ИРНА.
Според агенцијата, која се повикува на иранското Министерство за надворешни работи, нападот предизвикал експлозија на бродот.
-Нападот извршен од украинскиот режим врз ирански трговски брод во Каспиското Море, за кој шефот на тој режим експлицитно ја презеде одговорноста, го покажува континуираниот ирационален и непријателски став на украинскиот режим кон Иран, соопшти иранското Министерство за надворешни работи.
Исламската Република никогаш не интервенирала во конфликтот меѓу Русија и Украина, додаде иранското министерство.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави на социјалните мрежи во саботата дека постигнал многу солидни резултати со напади со долг дострел во Каспиското Море, насочени кон бродови што се користат за транспорт на воен товар во кој е вклучен Иран.
Украинските разузнавачки служби објавија на Телеграм дека имало напади со беспилотни летала врз товарни бродови под меѓународни санкции кои биле користени за транспорт на воен товар меѓу Иран и Русија.
Според иранската државна телевизија, вршителот на должноста амбасадор на украинската амбасада во Техеран бил повикан во Министерството за надворешни работи во саботата за да разговара за непријателскиот и криминален чин.
Во телефонски разговор со високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, повика на решителен одговор од ЕУ и Советот за безбедност на ОН на овој напад, објави ИРНА.