
Иран упати ново предупредување до Бугарија поради тоа што им дозволи на Соединетите Држави да ги користат нејзините воени бази, што дополнително ги засили дипломатските тензии меѓу Техеран и Софија. Ова е трето такво предупредување, а следуваше набрзо откако американскиот претседател Доналд Трамп му се заблагодари на бугарскиот премиер Румен Радев за поддршката, пишува „Еуроњуз“.
Во изјава на социјалните мрежи, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, порача: „Оние што донесуваат одлуки во Бугарија мора да сносат одговорност за опасната одлука за сместување американски авиони за полнење гориво во воздух во нивните воени бази.“
Во соопштението се додава дека Техеран смета оти не се работи за изолиран случај и се тврди дека слични одлуки се донесувале и претходно за да се „поддржат американските воени операции против Иран“. „Бугарскиот народ многу добро знае дека иранскиот народ никогаш немал проблеми со Бугарија. Со децении односите меѓу нашите две нации се темелеа врз меѓусебно почитување“, се заклучува во пораката на иранското министерство.
Најновата реакција на Техеран пристигна само неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп на социјалната мрежа „Truth Social“ јавно му се заблагодари на бугарскиот премиер.
„Ви благодарам, премиере Радев! Бугарија стои со Трамп и го поддржува распоредувањето на базата на американското воено воздухопловство и покрај заканите од Иран“, напиша Трамп.
Оваа размена на пораки предизвика загриженост во Бугарија, но министерот за одбрана Димитар Стојанов се обидува да ја смири јавноста. Во разговор за бугарската телевизија „bTV“, Стојанов изјави дека не е загрижен за можноста од ирански ракетен напад врз Бугарија, но призна дека „сè е можно“.
Кога станува збор за стравот од потенцијални терористички напади, министерот тврди дека ризикот сега е помал отколку во периодот кога американските воени авиони беа сместени на цивилниот аеродром.
Претходно оваа недела, бугарскиот парламент го одобри преместувањето на американските авиони во воената воздушна база Безмер. Таа одлука предизвика протести кај локалното население, кое стравува дека тоа подрачје би можело да стане мета поради растот на регионалните тензии.