„Состојбата во земјоделството е крајно сериозна и загрижувачка и ова е последица на политиката на оваа Влада – земјоделството да не е во нивниот фокус. И тоа се гледа преку намаленото издвојување за земјоделството, преполовените и укинати програми. Исто така јасно е дека имаме Влада што не е европска и го кочи европскиот прогрес. А влезот пак во ЕУ е единствениот начин за развој на македонското земјоделство“, вели во интервју за „Локално“, пратеникот и екс-министер за земјоделство, Љупчо Николовски за владината аграрна политика и дали ги штити малите производители.

Николовски истакна дека резултатот е над 10.000 земјоделци што годинава го изгубија правото на субвенција заради сегашната политика на Владата.

-Нема реформи, нема визија, нема стратегија. Има само реакција. Како претседател на собраниската Комисија за земјоделство ги гледам фактите. За две и пол години е донесен само еден нов закон, за сточарството и тој подготвен уште кога бев министер. Во исто време поминаа 30 измени на закони, 25 во скратена постапка, најчесто скроени според потребите на одредени бизниси, додава пратеникот од редовите на СДСМ.

Според него, земјоделството не исчезнува преку ноќ. туку се гаси тивко, стопанство по стопанство.

-Кога таткото ќе каже дека нема смисла, а синот ќе замине надвор. Кога лозјето ќе се искорне, а нивата ќе остане непосеана, предупредува Николовски.

Владата дојде на власт со ветувања за земјоделска преродба. Денес земјоделците протестираат, бараат исплата на субвенции и се жалат дека производството им е неисплатливо. Дали ова е директен неуспех на владината аграрна политика?


-Првин сакам да истакнам дека состојбата во земјоделството е крајно сериозна и загрижувачка и ова е последица на политиката на оваа Влада – земјоделството не е во нивниот фокус. И тоа се гледа преку намаленото издвојување за земјоделството, преполовените и укинати програми. Исто така јасно е дека имаме Влада што не е европска и го кочи европскиот прогрес. А влезот пак во ЕУ е единствениот начин за развој на македонското земјоделство. Нашите земјоделци ќе добијат многу поголеми директни плаќања и тоа од буџетот на ЕУ кој постојано се зголемува, големи средства за инвестиции и модернизација на фармите, а со тоа и зголемување на продуктивноста и конкурентноста. Тоа е единствениот начин зошто гледаме дека ние сами како држава немаме довилно ни за основна поддршка – субвенции, а не пак да се издвојат значајни средства за модернизација на земјоделството. Според конкретни пресметки, само во еден седумгодишен буџетски период, македонското земјоделство со членството во Европската Унија би добило пристап до најмалку една милијарда евра европска поддршка за модернизација на фармите и стопанствата.

А без ЕУ, каква што е сега политиката, ние уште долго време ќе зборуваме само за неисплатени субвенции, ниски откупни цени, неисплатени штети, намалено производство, за проблеми и кризи а не за модернизација, продуктивност и конкурентност.

Дека состојбата во земјоделството е комплетно влошена покажуваат официјалните бројки. Според годишните извештаи на Платежната агенција, поддршката падна од над 8,3 милијарди денари во 2023 и 2024 година на околу 6 милијарди во 2025. Државата им должи на земјоделците над 150 милиони евра за 2024 и 2025 година. Зад тие бројки се луѓе. Сточари што со месеци чекаат пари за предаденото млеко. Грозје што остана на нивите, ориз неоткупен по амбарите, куртовска капија што заврши на буниште.

А кога во Собранието понудивме посебен закон за финансиска помош на земјоделците во криза, а побаравме и над милијарда денари за исплата на заостанатите субвенции со ребалансот, мнозинството ги одби без збор и без дискусија. Тоа веќе не е неуспех. Тоа е избор и одлука на оваа Влада производството на храна да не е нејзин приоритет.

Дали намалувањето или промената на условите за субвенции ги казнува малите земјоделци?


-Да, мерка по мерка. Минималната површина за лозја и овошни насади ја кренаа од 2 на 5 декари, а за поледелство од 5 на 7. Субвенцијата за говеда ние ја подигнавме од 2.000-3.000 на 12.000 денари по грло, со цел да стигне до 20.000. Тие веднаш ја намалија на 8.000 денари. Предавањето на производството во регистрирани капацитети го направија услов за субвенција.

Резултатот е над 10.000 земјоделци што годинава го изгубија правото на субвенција заради оваа политика. Тоа не е ставање на ред, тие не се откажале од земјата и не се лажни. Тоа се мали, вистински земјоделци. Во исто време, лимитот за најголемите корисници го кренаа од 18 на 61 милион денари или еден милион евра. Малиот го исфрлија со праг, а на големиот му го подигнаа таванот.

Љупчо Николовски

Владата тврди дека средствата ќе одат кај вистинските земјоделци. Како се дефинира „вистински земјоделец“ и кој ја контролира таа селекција?


-Министерот вели дека вистински земјоделец е оној што сериозно работи и произведува. Се согласувам. Но тогаш мерете го производството, а не декарите. Контролата на терен го фаќа измамникот и го штити чесниот. Прагот не проверува никого, само ги брише малите.

А кој ја прави селекцијата, најдобро се гледа кај интервентниот фонд. Го воспоставивме во 2022 година за брза помош во криза. Тогаш преку поддршката за вештачки ѓубрива помош добија околу 12.000 земјоделци. Денес од Фондот 10 денари по килограм откупено грозје добија откупувачите, и тоа само за точно определен период. Лозарите трета година немаат ниту денар дополнителна помош. Тоа не е избор на вистински земјоделци. Тоа е избор на тесен круг.

Колку е опасно за државата да ја зголемува зависноста од увоз на храна во услови на геополитички кризи и нестабилни меѓународни пазари?


-Многу. Храната е прашање на безбедност, исто како енергијата. Во криза секоја држава прво го полни својот рафт. Во 2022 година Србија преку ноќ го забрани извозот на пченица, пченка, брашно и масло. Тогаш научивме дека не е важно колку пари имаш, туку колку произведуваш дома.
Лани, според земјоделците, увозот на храна надмина 1,1 милијарда евра. А индустриското јаболко во Преспа се откупува по 4 денари, оризот во Кочанско по 16. Наместо да ја чуваме земјата за храна, во нацрт-просторниот план се впишуваат рудници во земјоделски краеви. Така ризикуваме стратешки ресурси за краткорочни интереси.

Има ли Владата стратегија за заштита на домашното производство или само реагира кога избиваат протести?


-Нема реформи, нема визија, нема стратегија. Има само реакција. Како претседател на собраниската Комисија за земјоделство ги гледам фактите. За две и пол години е донесен само еден нов закон, за сточарството, и тој подготвен уште кога бев министер. Во исто време поминаа 30 измени на закони, 25 во скратена постапка, најчесто скроени според потребите на одредени бизниси.

Буџетот и на програмата за рурален развој е преполовен. Порано имаше 12 до 15 јавни повици годишно, а годинава само еден. Трета година по ред државата не доделила ниту еден нов трактор. Реформата за продажба од куќен праг е запрена: порано се регистрираа околу 100 мали винарии годишно, а во последната година само една. Земјоделството не се води со импровизации и дневна политика.


Дали земјоделците имаат причина да веруваат дека следната година ќе биде подобра или треба да се подготват за уште потешка сезона?


-Би сакал да кажам дека ќе биде подобро, но нема да ги лажам. Ние воведовме исплата по јасен календар и аванс од 30 проценти, за секој земјоделец да знае и планира кога ќе ги добие парите. Исто како во ЕУ. Оваа власт авансот го укина, а речиси две третини од програмата за 2026 одат за стари обврски. Значи годинашните субвенции ќе се плаќаат догодина.

Ни кај инвестициите не е подобро. Во ИПАРД 2 потпишавме над 2.300 договори. Денес, поради аферата во Агенцијата, чиј директор беше уапсен, осомничен за поткуп, веќе втора година како нема и се уште нема повик од ИПАРД 3 програмата. А Албанија и Црна Гора побрзо одат кон ЕУ и кон европските фондови. Затоа на земјоделците им велам: не молчете.

Ако продолжи оваа политика, дали Македонија ризикува да го изгуби сопственото земјоделство?


-Земјоделството не исчезнува преку ноќ. Се гаси тивко, стопанство по стопанство. Кога таткото ќе каже дека нема смисла, а синот ќе замине надвор. Кога лозјето ќе се искорне, а нивата ќе остане непосеана. Но не е доцна. Ќе повторам пак. Европската интеграција е најголемата шанса за нашето земјоделство. Замислете што би значеле една милијарда евра европска поддршка за модернизација на македонските фарми, нова земјоделска механизација, системи за наводнување, преработувачки капацитети, млади земјоделци и развој на руралните средини. Тоа е можност за нова перспектива на земјоделството, повисока продуктивност, поконкурентно производство и посигурна егзистенција за десетици илјади семејства. Земјоделецот не бара милостина. Бара навремена исплата, фер цена и правила што не се менуваат секоја година. Земјоделството не смее да биде жртва на политички инает, неспособност и корупција. Време е да му се врати достоинството на македонскиот земјоделец.

Н.П.