Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, од Шангај порача дека зачувувањето на ценовната стабилност останува најважниот предуслов за одржлив економски раст, особено во време на засилена глобална неизвесност и геополитички турбуленции.Славески учествуваше на панел-дискусијата „Трасирање на идниот развој“, во рамките на меѓународниот симпозиум „Навигација низ светската финансиска неизвесност – развој на финансиските пазари, инвестициските стратегии и меѓународниот монетарен систем“, организиран од Банката за меѓународни порамнувања и Народната банка на Кина.Во своето обраќање, гувернерот истакна дека централните банки денес се исправени пред едни од најголемите предизвици во последните децении, предизвикани од последователните кризи – пандемијата, геополитичките конфликти, нарушените синџири на снабдување и растот на цените на енергенсите и суровините.„Искуството од последните години покажа дека централните банки мора да останат цврсто посветени на зачувувањето на ценовната стабилност, дури и кога инфлацијата е резултат на надворешни фактори. Одложените или недоволните реакции можат да предизвикаат многу поголеми економски и социјални последици“, нагласи Славески.Осврнувајќи се на мерките што ги презеде Народната банка за време на последниот инфлациски бран, тој потсети дека институцијата реагираше со зголемување на каматните стапки, повисоки задолжителни резерви и заострување на макропрудентните мерки, со цел да се спречат секундарните инфлациски ефекти и да се зачува довербата во економијата.Славески потенцираше дека стабилниот девизен курс останува столб на макроекономската стабилност во земјата.„Во мала и отворена економија како македонската, стабилниот девизен курс е главно сидро за очекувањата и важен механизам за ограничување на преносот на надворешните ценовни шокови врз домашната економија“, рече тој.Според гувернерот, благодарение на навремените и одлучни политики, инфлацијата е значително намалена, економскиот раст останува отпорен, а финансискиот систем ја зачувал стабилноста.Тој предупреди дека неизвесноста на глобално ниво и понатаму е висока поради геополитичките тензии и нивното влијание врз енергетските пазари и светската трговија, но истакна дека Народната банка останува подготвена навремено да реагира доколку ризиците почнат да се реализираат.„Денес сме во подобра позиција отколку за време на претходниот шок. Инфлацијата е значително пониска, девизните резерви се повисоки, а довербата во домашната валута и банкарскиот систем е силна“, истакна Славески.На крајот, тој оцени дека монетарната политика не може сама да го носи товарот на приспособувањето кон глобалните предизвици и повика на координација со одговорна фискална политика и спроведување структурни реформи насочени кон повисока продуктивност, енергетска диверзификација и поголема отпорност на економијата.На панел-дискусијата, покрај Славески, учествуваа и гувернерите на централните банки на Аргентина, Исланд и Монголија.