Политички изразивме подготвеност сите што се со договор на дело во здравстените установи да бидат вработени,  но здравствените установи имаат директори кои треба да преземат одговорност, изјави за „Локално“ директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски.

На прашањето дали имале комуникација со Министерството за финансии и со Министерството за здравство да се одговори на барањето на договорците од Клиниката за детски болести да се реши нивниот статус и да им се исплатат заостанатите плати, директорот на ФЗО рече:

-Во основа сите здравствени установи имаат директори, тие се работодавачи и секој директор презема одговорност како работодавач. Политички можам да кажам дека изразивме посветеност да се вработат сите договорци кои работат подолго време.

Тој појасни дека за тоа колку  луѓе во здравството работат со договор на дело и колку од нив треба да се вработат пресекот е направен лани.

-Дали во оваа ситуација имаме мешан состав на договорци, дали се подолго време ангажирани или се ново ангажирани треба да се согледа, но останува нашата посветеноста сите договорци во здравствените установи да бидат вработени. 125 во општата болница Тетово  и на многу други места. Некаде се касни со тие работи, во Тетово два пати се поништуваше конкурсот. Сепак тоа останува на директорите таму, изјави Клековски.

Министерството за финансии вчера за „Локално“ изјави дека на барањето на Министерството за здравство да се реши статусот на договорците од Клиниката за детски болести не може да одговорат позитивн, поради ретроактивно дејство.

Договорците во петокот протестираа пред Финансии и бараа да им се дадат договори на дело или да бидат вработени, бидејќи од јануари навака одат на работа но не примаат плата. Од Клиниката за детски болести изјавија дека овие луѓе и се потребни на клиниката за нормално одвивање на работниот процес. Меѓу нив има медицински лица, помошен и технички персонал.

Е.Б.